Антоан Гризман го оствари својот детски сон и во неделата ја зема во своите раце „Златната божица“, достигнување до кое стигна благодарение на добрата игра која ја прикажаа тој и неговите соиграчи од Франција во текот на целиот турнир во Русија.

Покрај добрата игра и головите, во сеќавање од овој турнир кога е во прашање Гризман ќе остане и тоа што јавно и искажа љубов на уругвајската нација, а дека воопшто не се шегува и дека навистина го мисли тоа ни докажа со гестот по големото финале во Москва. По победата од 4:2, Гризман го прифати барањето на еден од новинарите и со уругвајското знаме на својот грб одговараше на прашањата на пресот, уште еднаш потврдувајќи дека има посебни емоции кога е во прашање оваа земја.
Сето ова не остана незабележано во Уругвај, па сега претседателот на оваа земја му одговори на Французинот со срдечно писмо.
– На овој начин, сакам да му честитам за тоа што излезе како победник на Светското првенство во Русија, претставувајќи ја својата родна земја. Исто така, не можам да не му се заблагодарам за гестот кој го имаше со Уругвај, носењето на нашето знаме за време на прес-конференцијата која ја даваше пред новинарите на 15-ти јули. Разбрав дека планира да ја посети нашата земја. За мене ќе биде лично задоволство и сатисфакција да го пречекам и лично да му ја искажам огромната благодарност, – гласи писмото на Табаре Васкез./Дерби
