(ВИДЕО) Десетина загинати и повеќе од 3.000 повредени на фестивал на огнот во Иран

Иранците традиционално го одбележуваат празникот со прескокнување огнови за да се збогуваат со старата година и да ја дочекаат новата.

од Бети Божиноска

Десетина луѓе загинаа, а илјадници се повредени за време на овогодишниот ирански фестивал Чахаршанбе Сури или фестивал на огнот, објави денеска иранскарта новинската агенција ИСНА, цитирајќи податоци од Националната организација за итни медицински состојби (НМЕО).

Фестивалот се одржува секоја година пред Невруз, иранската нова година која започнува на 21 март. Традиционално се слави во последната среда од годината, но прославите често почнуваат две до три недели однапред.

Податоците покажуваат дека меѓу 1 и 12 март имало 3.253 повредени, а најмалку 14 лица загинале. Стотина лица се здобиле со полесни повреди и им била укажана помош на лице место, додека други се здобиле со тешки изгореници и повреди на очите и морале да бидат пренесени во болница. Во најмалку 189 случаи имало ампутација на екстремитетите.

Иранците традиционално го одбележуваат празникот со прескокнување огнови за да се збогуваат со старата година и да ја дочекаат новата. Меѓутоа, современите обичаи вклучуваат и употреба на огномет и петарди како и домашно изработени запаливи материјали, што често доведува до повреди.

Според шефот на НМЕО, Џафар Мијадфар, властите годинава формирале специјална единица за намалување на употребата на нелегални запаливи материи, а техеранската полиција ги надгледувала кримучарите и продавачите на такви супстанции околу два месеци претходно. Како резултат на мерките, запленети биле околу 10 милиони запаливи производи.

Па сепак, Одделот за противпожарни и безбедносни служби во Техеран само во вторникот примил речиси 7.000 итни повици од жители кои пријавиле експлозии, пожари или разни други инциденти поврзани со свеченостите.

И покрај напорите на властите да го направат фестивалот побезбеден, прославата зема голем број жртви секоја година. Во 2023 година бројот на ранети надмина 4.300, а загинаа 26 лица.

Слични содржини