Изборите кои следат ќе упатат силна порака до Европската унија и НАТО за тоа дали во Македонија има демократски вредности, рече на 20 Конгрес на СДСМ британскиот европратеник Ричард Ховит.
Како претставник на Европските социјалдемократи во Европскиот парламент искусниот британски политичар Ховит беше почесен гостин на 20. Конгрес на сестринската партија СДСМ на кој и самиот им се обрати на присутните делегати. Како британски парламентарец, неговиот мандат завршува за околу еден месец, по што како што вели, ќе се посвети на работа во невладиниот сектор на полето на климатските промени и социјалната одговорност на компаниите. Вели дека, сепак, нема да ги прекине врските со Македонија, за што го врзува многу. Вели дека е тука да пренесе неколку главни пораки од Европската унија, а по вчерашниот конгрес на СДСМ, го чекаат средби со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со претставници на другите партии.
„Иронија на судбината е што посветив неколку години напорна работа да помогнам Република Македонија да се приближи до Европската Унија, а во меѓувреме мојата матична земја, Обединетото Кралство, реши да ја напушти Унијата“, вели Ричард Ховит, пратеник во Европскиот Парламент, еден од тројцата европратеници, кои заедно со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан добија во задача да го расплеткаат македонскиот политички јазол.