Поставувањето на таблата со натписот „БЈРМ“ на Коридорот 10 беше направено од страна на грчката фирма која ги изведува работите на тој пат, но името на Македонија во рамките на тоа како Европската унија (ЕУ) ја ословува е БЈРМ, изјави српскиот претседател Томислав Николиќ, во интервју за емисијата „Упитник“ на РТС.
Николиќ изјави дека сето тоа „случајно“ се погодило во периодот кога актуелно беше и гласањето за членството на Косово во УНЕСКО на генералното собрание во Париз.
„Мислам дека таблата беше поставена од грчка фирма која работи на тој пат. Но таа фирма е од ЕУ, а името на Македонија во ЕУ е БЈРМ. Јас на македонските претставници ќе им објаснам дека случајно се случи тогаш ние да го завршиме автопатот и да ја ставиме таблата, а тие случајно тогаш гласаа во УНЕСКО за приемот на Косово. Ние не треба врз малите држави да го изразуваме својот бес и сигурно не треба тоа да го правиме врз Македонија, но таа треба да го цени својот северен пријател“, порачал Николиќ.
Српските претседател додал дека според него, „внатрешните односи во земјата ја принудиле Македонија да гласа за Косово да биде дел од УНЕСКО“.
„Претседателот и владата сметаа дека со тоа ги смируваат страстите во Македонија и дека Македонците нема да бидат огорчени поради тоа што српското културно наследство на Косово ќе падне во рацете на Албанците. Секој ја води својата држава како што мисли дека треба, но зошто и ние да немаме став дека кога некој од ЕУ кога патува низ Србија и Македонија па повторно влегува во земја од ЕУ, треба да знае каде се наоѓа. Кога некој од ЕУ патува за Грција и кога доаѓа на границата меѓу Србија и Македонија, тој не знае каде се наоѓа, и затоа е тука таблата“, заклучи Николиќ, кој во среда во Брисел заедно со својот македонски колега Ѓорге Иванов ќе остварат средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со кого се очекува да разговараат околу мигрантската криза и состојбите во регионот.
