ВИДЕО: Објавена целата 18-минутна снимка на која се слуша како Курто Дудуш заклучува и тепа вработен во општина Шуто Оризари?!

од Марта Пешевска
325 прегледи

Порталот „Лидер“ попладнево објави ново видео кое трае 18 минути и кое, како што пишува порталот, е целата снимка од која било извадено 2-минутното парче кое го објавив вчера а во кое, како што тврди порталот, се слуша како градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш киднапира, тепа и се заканува на човек во неговата канцеларија.

Свиркачот, кој е вработен во општината вели дека повеќе не може да го трпи однесувањето на градоначалникот.

-Насилникот тепа, а вели дека вас ќе ве тужел. Обвинува дека било монтирано, а јасно се гледа дека тепал. Тргнати беа само деловите во кои има и други луѓе, некои му помагаат во тепањето, а некои го одвраќаат. Еве ви го цело видео. Вели дека ќе тужел и кажува дека тепаниот е осуденик, а тој го избра да му биде најблизок соработник. Сега го тепа. Кој е Куцо да тепа? Полиција? Суд? Еве ви го целото видео. Нека видат сите каков човек е! – вели свиркачот.

Градоначалникот на Шуто Оризари во изјава за Фокус тврди дека станува збор за монтирана снимка која, според него, се користи во функција на политичка хајка со цел нарушување на неговиот углед. Но не го негира тепањето кое му го удрил на Седат.

-По повод вчерашната аудио-снимка објавена од т.н новинар Љупчо Златев на која тврди дека се слуша мојот глас, сакам да му порачам, неговото новинарство и професионалност е познато веќе од одамна на пошироката јавност. Со континуирано вклучување во монтирани политички хајки против мене нема да стане поугледен новинар, туку само ќе заработи соодветна пријава за нарушување на углед и чест. Соработката со криминалци од калибарот на Сенат Јашар, поранешен осуденик за вооружен грабеж и осомничен за ред други случи на насилство и нарушување на јавен ред и мир, нема да му донесе новинарски поени бидејќи од такви лица може да добие само монтирани аудио снимки. Да имало вистина во снимката, ќе имало повредени, лекарско уверение, случај! – вели Дудуш за Фокус.

Тој додава дека ова се случува во ист ден кога во општината било отворено полициско одделение за прв пат после 30 години.

-Ајде седни, чекај да ја заклучам вратата за да не ми избегаш. Имам со тебе да завршам некоја работа. – вака со лишување од слобода, почнува аудио снимката, која свиркачот ја доставил до порталот.

Понатаму во аудиото, како што тврди порталот, се слуша како градоначалникот Курто Дудуш го прашува киднапираниот зошто го пцуел „на сред центар“ и почнува физички да го измачува. Во снимката во неколку наврати се слушаат силни удари и тепање на извесниот Сенат, кој е заклучен во канцеларијата на Дудуш, пишува „Лидер“.

Градоначалникот Курто Дудуш, кој е и поранешен пратеник од редовите на СДСМ на изборите во 2016, на снимката додека го тепа Сенат, се слуша и како користи навредливи зборови како „чергар“, „п*дер“, „племето да ти го е*ам“, „мртвите да ти ги е*ам“, пишува „Лидер“.

Се слуша и како Дудуш, додека тепа, вели дека тој е градоначалник и тепаниот не му може ништо затоа што гласот не му се слуша во Шутка, пишува порталот „Лидер“.

Министерството за внатрешни работи го испитува случајот и по расчистувањето ќе ја информираме јавноста, велат од МВР за Либертас.

Со реакција се јави и СДСМ.

„Очекуваме сите надлежни институции да постапат, да го расчистат случајот и да ја информираат јавноста.

Моралните аспекти и личната совест, како и човечкиот интегритет се вредности кои подразбираат и одговорно однесување и делување.

Одговорност мора да има, законите важат за сите подеднакво“, стои во соопштението на СДСМ.