(ВИДЕО) Снимка од дрон на која се гледа каков ужас трпи Газа

од Vladimir Zorba

Израелската армија во петокот наутро издаде наредба 1,1 милион жители на Газа да се евакуираат во рок од 24 часа пред очекуваниот копнен напад врз палестинската енклава, објавија ОН.

Персоналот на ОН во Газа доби инструкции од израелската војска „целото население на Газа северно од Вади Газа да биде преместено во јужниот дел на Газа во следните 24 часа“, изјави за новинарите Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.

Наредбата се однесува и на персоналот на ОН и на сите оние кои се засолниле во училиштата и болниците под раководство на ОН поради израелските воздушни напади. Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) обезбеди засолниште за 60 отсто од 423.000 жители на Појасот Газа кои неодамна ги напуштија своите домови. Зградите во Газа немаат подземни засолништа за одбрана од воздушни напади.

Наредбата предизвика паника меѓу цивилите и хуманитарните работници кои се навикнати да работат под блокада и под израелски воздушни напади, пишува британски „Гардијан“. Жителите на градот Газа беа повикани да се преселат на југ во енклавата пред израелската армија да започне со напади врз милитантите на Хамас за кои тврди дека се кријат во тунелите под градот.

„Ова е евакуација за ваша безбедност“, велат од израелската армија.

Патем, Си-Ен-Ен направи видео со дрон на кое се гледа како изгледа уништувањето на Појасот Газа.

„Ова е најголемата тага со која се соочила Газа“, изјави репортер на Си-Ен-Ен.

Слични содржини