„Вие сте дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ“

од Берта Китинска

САД работи интензивно Македонија да добие брз старт на преговорите со ЕУ. Ваква порака, без многу детали, испрати од Скопје, заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

– Да ја изразам силната поддршка на нашата влада за брзата европска интеграција на Северна Македонија. Работиме со нашите европски партнери за да обезбедиме тоа да се случи многу брзо. Мислам дека сите се согласуваме дека Северна Македонија е културолошки дел од Европа, историски дел од Европа и се повеќе и економски е дел од Европа и таа треба да има свое столче на масата. И понатаму ќе ги поддржуваме вашите напори за флексибилност во процесот на евроинтеграција и во спроведувањето на натамошните реформи, кои треба да бидат реалност. – изјави Габриел Ескобар заменик помошник државен секретар на САД.

За шефот на дипломатијата Османи, таргетот за преговори со ЕУ е декември, тој изјави , без да открива детали, дека има конкретни разговори со Софија и дека нема намера да ги спушта очекувањата. Иако на 14ти декември е формалниот состанок на Советот за општи работи, Османи вели дека тоа не е единствената шанса.

– Имав средба и со словенечкиот министер за надворешни работи, Словенија е актуелниот претседавач со ЕУ и разговаравме и за фактот дека и после 14ти во било кој ден до крајот на годината словенечкото претседателство може да свика вонреден состанок на министрите за Европа, доколку добие информација од Бугарија дека се спремни да ја поддржат преговарачката рамка и одлуката за почеток на преговори. – изјави Бујар Османи МНР.

Воедно, соговорниците разменија мислења за билатералните односи, оценувајќи ги како исклучително блиски и пријателски, засновани на стратешко партнерство и се согласија во претстојниот период да работат на натамошно унапредување на политичкиот дијалог и соработка.  Во контекст на економската соработка, изразија задоволство од влегувањето на компанијата „БЕХТЕЛ“, која ќе ја гради исклучително важната делница од Коридорот 8 во нашата држава, а воедно изразија надеж дека интересот на американските инвеститори за земјава ќе продолжи да се зголемува.

Слични содржини