Забрана за движење во Парк шумата „Водно“ секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден. Ова е првата мерка на владата во вонредната состојба, како превентива на собирањето на граѓани на „Водно“, откако неколку пат полицијата расчистуваше групи на луѓе од таму.
Министерството за внатрешни работи доби задолжение со патролни возила да го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“, со цел да се превенира било каква можност граѓани да се собираат во Парк шумата.
Втората мерка се однесува на забрана за собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. За оваа цел, владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.
Владата забрани и одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена. За оваа цел, се задолжи Министерството за внатрешни работи доколку е потребно ова правно да го нормира во Уредба со законска сила.
„Согласно ова, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19“, соопштуваат од владата.
Владата препорача на сите работодавачи во земјава, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организираат работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата. Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.
Владата ги задолжи и сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.
На седницата, Министерството за внатрешни работи доби и задолжение да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири, со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.
Задолжение доби и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, да оствари работна средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување на мерки што треба да се преземат во овој период.
На вчерашната седница е усвоена и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале на 11 март 2020 година, кога од страна на Светската Здравствена Организација е прогласена пандемија на Коронавирусот COVID-19 и ќе се применуваат до 30 април 2020 година.