ВМРО-ДПМНЕ ги демантира документите на СДСМ: Потписите се целосно измислени и не кореспондираат со реалните

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира информациите за наводни лажни анкети објавени на МРТВ. Според партијата, „не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДСМ“.

Според партијата на Христијан Мицкоски, потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните.

-Иако видовме дека за СДС е нормално да го погрешат презимето на нивниот лидер Ковачевски веројатно разумно и логично е ВМРО-ДПМНЕ да си ги препознава луѓето и потписите од својата партија, нешто што не е случај и во посочениот и измислен документ, што само кажува кој е изворот на веста.

Сметаме дека изворот на ваквите информации се од кујната на СДС кои очајнички прибегнуваат кон дезинформации, фалсификуваат документи соочени со претстојниот пораз. На времето правеа бугарски летоци, сега измислуваат документи. За парите дадени на Асаф Исеин можеле да бидат барем малку покреативни во измислувањето, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Претходно СДСМ објави дека анкетите објавени на Националната телевизија МТВ за рејтингот на партиите се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Според владеачката партија, ова се лажни анкети и претставува голем скандал.

Оттаму велат дека станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ на 05.12.2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести.

-ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести, а креираат и лажни вести преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали. Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните а немаат врска со реалноста. Но исто така потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека „пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти се истите методи на Никола Груевски сега ги спроведува Христијан Мицкоски“.

Во последните неколку месеци, МТВ постојано објавуваше анкети со рејтингот на партиите и политичарите во пресрет на изборите. На неколкуте анкети, ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседателка, Гордана Силјановска-Давкова имаа убедлива предност пред СДСМ и претседателот и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски.

Слични содржини