СДСМ, Зоран Заев и Рената Дескоска целосно ја приватизираа и партизираа правдата и институциите во Република Македонија, сметаат од ВМРО ДПМНЕ.
„Малку и беше на Дескоска сама себе да се кандидира за член на Венецијанската комисија, па истата таа воведе критериуми за сите оние кои полагаат правосуден испит да ги поседуваат книгите на нејзиниот сопруг Тони Дескоски. Скандалот да биде поголем Дескоска целосно ја партизира и Комисијата за правосуден испит. Во самата комисија има низа на конфликти на интереси. Именувањето на сестрата на пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева, Антоанела Димовска, именувањето на Тања Милева, сопруга на поранешниот кандидат за градоначалник на СДСМ од Радовиш и поранешен член на ДИК Игор Милев, именувањето на пријателот на Заев претседателот на Апелацискиот суд во Штип Наќе Георгиев, именување на струмички судија чија сопруга е јавен обвинител во Струмица, именувањето на поранешниот претседател на ДИК Александар Чичаковски, адвокатот Валентин Пепељуговски, чие адвокатско друштво се чини дека е повластено од СДСМ, па наплатило околу 17.000.000 денари од владата, судијката Исмета Амет, според пишувањата во која што учествуваше во донесување на спорната одлука за прегласување во Теарце во 2016 година, се само дел од контроверзните именувања во комисијата за полагање на правосуден испит“, велат од опозицијата.
Според нив, со ваквите именувања од страна на Дескоска, полагањето на правосудниот испит ќе зависи од субјективната проценка на членовите на комисијата, дали кандидатите биле или се активни поддржувачи на политиките на СДСМ и Зоран Заев.
„Единствен критериум по кој се избрани членовите на комисијата е послушноста кон Заев.На ваков начин Заев и Дескоска го уриваат до темел правосудниот систем во Република Македонија. Ова е школски пример на непотизам и партизација“, додаваат во соопштението ВМРО ДПМНЕ.