ВМРО-ДПМНЕ побара разрешување на генсекот на Арсовска, велат бил пријавен за семејно насилство

од Nikola Popovski

Град Скопје го тресат сериозни афери. Вчера медиумите објавија дека генералниот секретар на градот Зоран Глигоров, десната рака на градоначалничката Арсовска е пријавен за семејно насилство врз неговата сопруга во месец ноември, соопшти советникот во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски. Како што соопшти, според написите на медиумите Глигоров извршил семејно насилство врз сопругата на 17 ноември оваа година.

-Настанот бил пријавен во полиција, а полицијата која интервенирала во случајот се соочила со крајно вознемирувачка атмосфера. Ситуацијата била уште поопасна затоа што Глигоров како што се наведува во известувањата поседува и пиштол. Според информациите за кои известија медиумите, избегната е поголема трагедија поради брзата и навремена реакција на полициските службеници кои успеале да му стават лисици, истакна Андоновски.

Тој посочува дека ова не е прв случај Глигоров да биде пријавуван за семејно насилство. Според Андоновски, тој уште во 2007 е регистриран во МВР за нанесување тешка телесна повреда на неговата сопруга при семејно насилство, а повторно е пријавуван и во 2017 година, кога според написите на медиумите полицијата кај него нашла огнено оружје хеклер.

-Арсовска која се претставува како голем бранител на правата на жените, се покажува дека за соработници има луѓе кои се пријавуваат за семејно насилство, не еднаш, туку неколку пати, наведе советникот и побара разрешување на генералниот секретат на градот.

-По сите овие афери се поставува логичното прашање:Дали Данела Арсовска го толерира својот најблизок соработник во овие активности, дали најблискиот соработник на Данела Арсовска е семеен насилник и дали Арсовска знаејќи за ова се уште го држи истиот да го раководи со Град Скопје? Дали вака се реализира борбата за учество и права на жените?, праша Андоновски.

Слични содржини