ВМРО-ДПМНЕ: Ставот на Славески за минималната плата е негово лично видување

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ се огради од ставот на својот долгогодишен член и поранешен министер, Трајко Славески околу растот на минималната плата. Според партијата, ставот на Славески е негов личен став, исто како што постојат бројни ставови на експерти про и контра растот на минималната плата.

-ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е за раст на платите во Македонија, вклучително и на минималната плата. Но суштинското прашање кое треба да се постави е дали владата со ова ќе постигне нивелирање на сите останати плати во државата? Сите работници имаат право да го остварат тоа, бидејќи инфлацијата која власта не успеа да ја сопре навреме ги засега сите граѓани. Доколку власта навистина искрено сака да постигне пропорционално нивелирање на платите во сите сектори, тогаш тоа може да го направи со платите во образованието согласно градацијата во колективниот договор. Тоа Владата може да го направи, бидејќи тоа е директно нејзина ингеренција, соопштија денеска од „Белата палата“.

Славески вчера отворено застана зад Организацијата на работодавачи сметајќи дека ваквото зголемување на платите би било оптоварување за компаниите и може да доведе до нивно затворање.

„Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на преку 20 проценти од вработените како прво, и не може да биде 60 проценти од просечната, кога Европската унија која изрично наложува максимум да биде 50 проценти“, констатира Славески.

Слични содржини