Во Парламентот ќе се избираат новите членови на ДКСК

од Nikola Popovski

Денеска пред пратениците на седница е изборот на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

За претседател на ДКСК е предложена Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР), која од членовите на Комисијата за селекција доби 76 бода. За членови на ДКСК предложени се судијката во Основниот суд Софија Спасова Медарска со освоени 75,86, двајцата досегашни советници во ДКСК Билјана Каракашова Шулев со 74,28 и Бесник Џемаиљи со 74,14 бода, ревизорите Зоран Богоевски со 73,57, Цвета Ристовска со 70,57 и Демири Сервет со освоени 67,28 бода.

Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ако Собранието не избере претседател и членови на Државната комисија, постапката за избор се повторува во целост со објавување конкурс веднаш, а не подоцна од рок од десет дена. Оваа комисија треба да почне да функционира на 8-ми февруари.

Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија е до 7 февруари 2024 година, кога ќе почне со работа новиот состав.

Во последниот состав на ДКСК, претседател беше Билјана Ивановска, а членови Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемши Салаи.

Во последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, но и во претходните извештаи, за работата на комисијата беа изразувани позитивни мислења, иако во последниве години, често предметите кои ги отвораше ДКСК стануваа предмет на „препукувања“ со правосудните и државни институции. Комисијата реагираше за притисоци врз работата, а обвинителството во еден момент ја замрзна соработката со институцијата.

Слични содржини