Во Собранието почна претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот. Првата седница на Комисијата за уставни прашања се одржа вчера. Позициите не се променија. И мнозинството и опозоцијата останаа на своите ставови. Едните дека е ова е неповторлива шанса, а другите процесот е неуставен. Продолжение е закажано за утре во 14 часот.
– Сега е време сите што се за НАТО и ЕУ да ги поддржат измените и заедно, исклучиво заедно да ја однесеме Македонија напред, порача премиерот Зоран Заев на седницата на собраниската Комисија.
Тој изрази верба за можен успешен процес во Собранието за уставни измени и членство на Македонија во ЕУ и НАТО.
– Ако е и ВМРО-ДПМНЕ „за“ ајде да ги донесеме одлуките. Добивме држава признаена од сите. Имаме признанен идентитет, порача премиерот Заев.
– Ајде помогнете заеднички. Ние сме пред одлука која треба да ја гледаме како политичари или лидери. Дали ќе гласаме за следните генерации или за следните избори. Јас и моите истомисленици особено тие од ДУИ знаеме точно што им треба на следните генерации безбедна држава, рамо до рамо со Вашингтон и Брисел, рече Груби.
Сурија Рушити од Алијанса на Албанците потенцира дека го поддржуваат процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, но оти тоа треба да оди заедно со внатрешна кохезија во Република Македонија.
И тој како и Зендели, посочи на постигнување целосна рамноправност на Албанците и употребата на албанскиот јазик.
Поддршка да се гласа побара Костадин Костадинов од СДСМ, а Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ побара откажување од договорот.
Во расправата се вклучи и министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече дека на референдумот ќе имаше чиста ситуација доколку имаше гласови „против“.
– Ќе го затворевме ова крупно поглавје. Бидејќи народот нема одлука, се враќа назад во Собранието. Но зошто треба да се оди напред оти народот, односно 609 илјади рекле „да“, рече Димитров.
По предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата, согласно член 196 од Деловникот, може да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.