Волонтерка загина во пожар на италијанско-словенечката граница

од Stefanija Kuzmanovska

Припадничката на цивилната заштита Елена Ло Дука (56) загинала за време на истрага на италијанската страна на опожарениот простор долж границата со Словенија, објавија италијанските медиуми.

Според локалните италијански медиуми, врз неа паднало изгорено дрво. Ло Дука била полицајка која исто така доброволно се пријавила за цивилна заштита.

Началникот на полицијата во Препоту, Ламберто Џанини, истакна дека овој трагичен настан ја растажил целата полиција.

„Големиот ентузијазам кој Елена го вложи во својата работа секогаш ќе биде пример за сите. Во име на сите мажи и жени во државната полиција, изразувам сочувство до семејството за оваа тешка загуба“, рече началникот на полицијата Џанини.

Големиот пожар на словенечкиот Крас кај границата со Италија се уште не стивнува, а доказ за тоа се драматичните приказни на мештаните кои ситуацијата ја опишуваат како „очајна“ додека заедно со пожарникарите се обидуваат да спасат „сè што може да се спаси“.

Пожарите на западот на Словенија траат веќе петти ден, а најразорниот што се прошири од Италија пред два дена досега уништи повеќе од 2.000 хектари.

Во гаснењето на најголемиот пожар во историјата на Словенија беа ангажирани пожарникари од поголемиот дел од земјата, а на помош испратија хеликоптери и канадери од Италија, Хрватска, Австрија и Словачка.

Слични содржини