Возот што поминува низ пазар

од desk2
178 прегледи

Додека Талад Род Фаи може да се пофали дека е првиот пазар во Бангкок покрај железничка пруга, тој веќе не е ни близу до неа; овој пазар беше преместен во 2013 година откако стана премногу голем за својата претходна локација. Меѓутоа, постои еден друг пазар, кој всушност се наоѓа на железничка пруга. Како што доаѓа возот, целиот пазар се трансформира за да му дозволи да помине. Ако сте во Бангкок и не знаете што да правите, упатете се кон пазарот Маеклонг и сигурна сум дека ќе го доживеете како единствено искуство.


Железничкиот пазар Маеклонг постои од 1905 година. Се наоѓа во провинцијата Самут Сонгкхрам, која е лоцирана покрај Тајландскиот залив. Риболовот беше (и сè уште е) еден од главните начини за опстанок, а пазарот е уште еден начин за продажба на нивната стока. Властите одлучија да изградат железничка пруга со цел подобро да ги испорачуваат овие производи до провинциите околу Тајланд, вклучувајќи го и главниот град. Сепак, пазарот остана и покрај новите железнички пруги што поминуваат низ него.

Ќе го слушнете возот долго пред да го видите. Продавачите и трговците колективно почнуваат да ги собираат платнените натстрешници и да ги поместуваат кошниците полни со храна подалеку од шините. Додека возот поминува, свири неколку пати за да ги предупреди луѓето за неговото неизбежно поминување.

Тоа е толку добро разработен систем што изгледа како некоја сцена од филм. Имаш нормален пазар, врвулица од луѓе и одеднаш се слуша свирката од возот, се собира цел пазар, возот поминува, повторно се поставуваат и сè се враќа во нормала, како ништо да не се случило.

Ова е навистина возбудлив момент за туристите бидејќи навистина не гледате секој ден воз кој поминува низ пазар. Но за оние кои работат таму, ова е само рутина и нормална работа, со оглед на тоа што го гледаат осум пати во текот на денот.

Пазарите отсекогаш биле интересни места за посета каде и да одите, таму го запознавате населението, локалната храна, таму ќе ја видите љубезноста или ќе се искарате, таму ќе се ценкате, а очигледно таму ќе видите и воз.