Вработените во Обвинителствата најавуваат поригорозен штрајк: Од утре нема да се работи ништо

од Nikola Popovski

Штрајкот во јавните обвинителства веќе трае 17 денови. Доколку владата мислеше дека со формирање на работна група ќе ги излаже штрајкувачите и штрајкот ќе прекине, се излажа. Штрајкот нема да престане, изјави денеска претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Како што истакна, доколку работната група од пет министри не седне да преговара уште денес, од утре штрајкот ќе стане поригорозен.

-Досега се работеа само итните и неодложн работи, а од утре нема да се работи ништо. Од вкупно 390 вработени во ЈО, денеска тука ќе дојдат 300 вработени. Ако ова не е доволен доказ се сериозноста, не знам каква друга порака треба да испратиме, рече Деаноски на денешниот протест.

Според него, ќе се парализира целото правосудство доколку работната група не седне на маса да преговара за нивните барања. Вели дека не можат да разберат „зошто Владата инсистира минималната плата да биде избришана како основен елемент на нивните плати“.

-Тоа значи дека во март 2024 година, кога ќе порасне минималната плата, ниту еден од овие вработени нема да добие усогласување. Проекцијата е дека минималната плата ќе порасне за 3 до 4 илјади денари, што ќе направи уште еден хаос во судовите, управата и обвинителствата, оценува Деаноски.

Барањата на вработените во обвинителствата се зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.

Слични содржини