Вработените во пошта најавуваат генерален штрајк, бараат покачување на платите

од Берта Китинска

На 14 април Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта ќе организираат генерален штрајк, поради неисполнување на нивното барање за покачување на платите на вработените во ова претпријатие, во износ од 3.000 денари.

Боро Велигденов, претседател на Синдикатот на поштата изјави дека биле неуспешни преговорите со Управниот одбор и Владата. Од ССМ велат дека директорот Јани Макрадули претходно го ветил бараното покачување, но дека сега не се одзвал на сопственото ветување.

-На 8 февруари Синдикалните организации на македонска Пошта до Управниот одбор и генералниот директор доставивме барање за линеарно покачување на платите на вработените во висина од 3.000 денари, но ниту добивме одговор, ниту бевме повикани од генералниот директор за реализација на нашето барање. Во меѓувреме, одржавме и средба заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, Управен одбор и синдикални организации за реализација на нашето барање. Договоривме рок од 7 дена да се даде одговор на нашите барања, но по истекот на рокот ниту добивме одговор, ниту бевме повикани на повторна средба, рече Велигденов.

Генералниот штрајк на вработените ќе се одржи со почеток во 8 часот на нивните работни места во македонска Пошта и низ целата држава во сите подружници.
Штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања.

Слични содржини