ВУЧИЌ ПРЕД ИСТОРИСКА ОДЛУКА: Прекин на евроинтеграциите и инвестициите или прифаќање на членството на Косово во ОН? 

од Nikola Popovski

Дојдоа претставниците на ЕУ, Германија, Франција, Италија и САД и на таа средба втората реченица што ми беше соопштена беше „морате да го прифатите европскиот план за Косово. Ако не го прифатите, ќе се соочите со прекин на евроинтеграцискиот процес, повлекување на инвестициите, сеопфатни мерки во политичка и економска смисла кои ќе и нанесат голема штета на Србија“, рече вчера претседателот на Србија, Алексадар Вучиќ на прес-конференција околу француско-германскиот план за решение на спорот меѓу Србија и Косово. Според него, овој план е нова преговарачка рамка за Србија со Европската Унија. „Ако изборот е да се добијат санкции – што би била полоша санкција од повлекување на инвестициите – или од друга страна веднаш да се прифати се што значи членството на Косово во ОН, тогаш јас сум за компромис, колку и да е контроверзен“, објасни Вучиќ.

Се поставува прашањето дали Вучиќ ќе ги помине сопствените црвени линии, од кои во изминатиот период категорично тврдеше дека нема да отстапи. За политичкиот аналитичар и професор Зоран Стојиљковиќ ваквите изјави и реторика од „големата петорка“ не треба да изненадуваат.

Зоран Стојиљковиќ

-Европската интеграција и инвестициите ќе бидат прекинати ако реакцијата на Србија е некооперативна и отфрлачка, на што индиректно укажува и забрзаното задолжување на Србија во последните неколку месеци. Веќе не се работи за години, туку за месеци, во кои глобалните поделби околу Украина и санкциите против Русија излегоа од зоната на политичката рационалност, вели Стојиљковиќ во разговор за „Локално“.

Професорот не очекува Вучиќ да се повлече од функцијата, иако вели дека ќе го понуди како можност во неговиот политички манир да остане на власт.

-За таа потоа да биде категорично отфрлена од СНС и владејачкиот картел. Се разбира, ниту во опозицијата нема единство во однос на Косово и евроатлантските интеграции, поради што демократската и националната опозиција се пооддалечени една од друга отколку во однос на власта. Конечно, прашањето за Косово за Србија има важност што го надминува типот на политичка поларизација во која за опозицијата важи принципот што полошо за власта, толку подобро за нас. Во прашање не е само моќта на Вучиќ, туку и позицијата на Србија, ни рече Стојиљковиќ.

Сепак тој предупредува дека ќе дојде до незадоволство кај граѓаните поради следните чекори.

-Она што ќе се случи е прво процес на измама на граѓаните на кои претходно им беше сервирана приказната за „челичното пријателство со Кина и Русија“ и лицемерието на политичкиот Запад. За тоа и во време на притисоци и остри поделби по војната во Украина потребно е одредено време. Вучиќ овојпат има интерес да дојде до ваков национален дијалог и поделба на одговорностите. Важно е и каков став ќе заземат Црквата и Академијата. Ако претпоследното решение содржано во сегашниот француско-германски план остане тешко сварливо и без гаранции, пред се во однос на обединувањето на српските општини, не исклучувам распишување избори и референдум, оценува српскиот професор.

Стојиљковиќ се согласува дека итното формирање на Заедница на српските општини (ЗСО) е чекор кон решение меѓу Белград и Приштина, но, порачува тој, како дел од пакетот кој го вклучува и де факто признавањето на Косово од Србија, од кое нема да се откажат САД, ЕУ и НАТО како нејзини спонзори и креатори и оние кои можат да го контролираат однесувањето на Приштина.

-Прашањето е и за кој степен и модел на автономија ќе се разговара во него или тоа е само аранжман за измама на Србија. Сеопфатен договор за нормализација, кој, на пример, нема да содржи обврска за формално признавање, ниту полноправно членство на Косово во ООН, може да биде сварливо решение за Србија. Се чини дека рокот за него е 2024 година, кога има избори во САД и за Европскиот парламент. Но и изборите во Русија и Украина, истакна аналитичарот.

Драгомир Анѓелковиќ

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ во разговор за „Локално“ вели дека самиот Вучиќ знае дека не е реално ЕУ целосно да го запре процесот на евроинтеграција на Србија и да ги повлече инвестициите, доколку Белград не го прифати т.н. француско-германски план за Косово.

-Неколку членки на ЕУ, на чело со Шпанија не ја прифатија независноста на Косово. Се додека тоа не се промени, а сите земји од тој круг деновиве не потврдат дека не го менуваат ставот, не е реално ЕУ да применува какви било рестриктивни мерки во однос на Србија. Вучиќ наведува што не е точно, од пропагандни причини, за да ги исплаши граѓаните на Србија и да си олесни да протурка одлуки за Косово со кои тие во иднина не се согласуваат. Тоа го прави од лични и партиски причини, а не од државни. Ако државата не може лесно да биде изложена на уцени, тој и неговата околина можат, информира аналитичарот.

Иако имаше најави по српските медиуми, Анѓелковиќ категорично негира дека Вучиќ ќе поднесе оставка од државната функција.

-За време на владеењето на Вучиќ имало многу работи кои би можеле да го загрозат неговото редовно функционирање во услови кога тој нема да има моќ. Од друга страна, тој би сакал да се повлече од функцијата претседател на Српската напредна партија, бидејќи како лидер на партијата го има последниот збор за сите одлуки што ги носат нејзините министри. Многу позгодно му е, сега кога се очекуваат некои одлуки за Косово кои не се во согласност со Уставот, да ги протурка некоја марионета слична на премиерката Брнабиќ, која номинално би ја предводела СНС, но би го слушала Вучиќ. Сепак, мислам дека ниту Западот ниту неговите соработници во партијата нема да му дозволат лично да се извлече од тоа. Ќе мора да стисне заби и да ризикува пред граѓаните и историјата, смета аналитичарот во разговорот за нашата редакција.

ЗСО, вели Ангелковиќ, е дел од бриселскиот дијалог и има врска со техничката нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

-Без разлика на новите преговори, Бриселскиот договор ја обврзува ЕУ да ги принуди Албанците да се согласат за формирање на ЗСО. Од друга страна, ЗСО не може и не смее да биде компензација на Србија за промената на ставот за статусот на Косово. Она што беше претходно договорено не може повторно да му се прикаже како отстапка на Белград, особено за она на што тој во никој случај не смее да се согласи. Никој од српските функционери не треба да учествува во таа игра бидејќи би извршиле велепредавство, дециден е аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини