Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вечерва дека отворањето на новите поглавја на неговата земја е силен сигнал дека Европската унија ја поддржува Србија на нејзиниот европски пат, знак дека на Србија добро и оди и гаранција за граѓаните дека „се на вистинскиот пат“.
„Ние сме единствената земја од Западен Балкан на која и беше отворено нешто на меѓувладината конференција во Брисел. Не се радуваме на отворањето на Поглавјето, бидејќи би сакале и другите, особено нашите пријатели од Северна Македонија и Албанија да започнеа преговори“, рече Вучиќ на седница на српската влада.
Вучиќ оцени дека областите што се отворени во Поглавјето 4 се особено значајни бидејќи се работи за животна средина, енергија и транспортни врски.
Тој им се заблагодари на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и на шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре, кои, како што оцени Вучиќ, вложил многу труд откако дошол во Белград.
Вучиќ им честиташе на Владата и на граѓаните на Србија за отворањето на четирите поглавја, посака владата да работи добро и дека „наскоро ќе може да се зборува за затворање на поглавјето“.
Во досегашните преговори со ЕУ, Србија отвори 22 поглавја од кои два се привремено затворени.