Претседателот на Србија Александар Вучиќ ја почна посетата на Грција со состанок во четири ои со премиерот Алексис Ципрас, а на состанокот кој траел подолго од планираниот час, усогласен е текстот за заедничка Декларација.

Декларацијата треба да ја усвои Високиот совет за соработка меѓу Србија и Грција. Тие разговарале за подобрување на традиционално добрите односи меѓу двете земји, како и за ситуацијата во регионот.
Претседателот на Србија Вучиќ ја предводи делегацијата на Србија во посета на Солун, каде ќе биде одржана првата седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, со кој претседава Ципрас, а потоа ќе учествува на трилатерален состанок меѓу Србија, Грција и Бугарија.
Министрите во Владата на Србија разговараа со своите грчки колеги, а по состанокот потпишаа неколку билатерални спогодби .
По првата седница на Високиот совет со работен ручек, ќе следи трилатерална средба на претседателот на Србија Вучиќ, премиерот на Грција Ципрас и бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Вучиќ на заедничката конференција со Ципрас истакна дека Србија не сака уценување за членство во ЕУ, туку само да се знае дека постои перспектива кога Србија може да влезе во Европската унија.
Секако, вели тој, тоа подразбира да се исполнат сите услови, посебно поглавјата 23 и 24, како и сите други неопходно за членство.
„Сметаме дека тоа е важно за луѓето во Србија да бидат помотивирани и стимулирани. Не бараме точна година, но сакаме да го знеме оквирот кога би можела да стане полноправна членка“, порача Вучиќ.
Тој побарал и помош од премиерот Ципрас по однос на тоа прашање.
Иако во најавите стои дека главна тема ќе бидат инфраструктурни проекти, медиумите во Грција и во Бугарија најавија дека најмногу ќе се разговара за Македонија и за нерешените прашања со Атина и Софија на патот кон евроатланските интеграции.
На трилатералниот состанок вечерва ќе им се приклучи и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.