Оставката на премиерот Милош Вучевиќ е потег што можеше да дојде и порано, со оглед на тоа што јавноста очекуваше брза и одлучна реакција за убиството на 15 граѓани во Нови Сад, меѓу кои и еден Македонец. Сепак, задоцнетата одлука изгледа повеќе како симболичен потег притиснат од рејтингот на претседателот Александар Вучиќ, отколку како вистинско преземање одговорност, вели српскиот политиколог и директор на „Институтот за европски работи“, Наим Лео Бешири во разговор за „Локално“ за последните актуелности на српската политичка сцена која се вжешти по студентските протести и блокади. Дополнително, додава тој, останува впечатокот дека ова е дел од поширок политички маневар, а не искрен преглед на работата на срспакта Влада. Како што потенцира Бешири, за тоа сведочи и образложението на Вучевиќ за оставката во кое ги обвини странските служби дека организираат и иницираат протести на незадоволни студенти и граѓани.
-Масовните протести и блокади ја покажуваат длабоката фрустрација на јавноста, која нема да се „задоволи“ со оставка само на еден член од Владата, па дури и на премиерот. Главните барања на граѓаните вклучуваат оставка на претседателот Вучиќ, бидејќи многумина го сметаат за одговорен за системските проблеми што доведоа до трагични настани и севкупен пад на довербата во институциите, дециден е соговорникот.
Според него, се чини дека стратегијата на Вучиќ е фокусирана на тактички отстапки за смирување на актуелните протести, но не и на решавање на основните проблеми. Бешири тврди дека оставките и делумното исполнување на јавните барања може да се гледаат како обид за „гаснење на огнот“ без вклучување во суштински реформи, што предизвикува дополнителна недоверба кај граѓаните.
-Потсетувам дека Вучиќ на првото обраќање лажеше дека не ја реконструирале настрешницата, а потоа дека веќе ја објавиле целата документација, за пред две вечери по трет пат да објават дополнителна документација во која се пронајдени фалсификувани документи. Проблемот е што ако ги исполнат четирите барања на студентите, голема е веројатноста дека ќе завршат во затвор за корупција заедно со кинескиот изведувач што го чуваат како бела мечка, потенцира политикологот.
На прашањето што понатаму за Србија, Бешири објаснува продолжението на протестите покажува дека граѓаните нема да се откажат додека не се постигнат подлабоки промени во политичкиот систем, вклучително и исполнување на нивните барања. Како што потенцира, изборите би можеле да придонесат за намалување на тензиите доколку се организираат транспарентно и со почитување на демократските принципи.
-Но, за да се создаде доверба, потребна е гаранција дека ќе се почитува гласот на граѓаните, како и конкретни чекори кои ќе покажат искрена намера за промени. Бидејќи оваа влада не може, не знае и не сака да спроведе фер, демократски и чесни избори, преодната влада која ќе ги спроведе потребните реформи и ќе организира избори е неминовност која Вучиќ во моментов ја отфрла бидејќи тоа би значело негов крај, заклучува Бешири.
На вонредна прес-конференција свикана по студентските протести на Автокоманда во Белград, повикот за дијалог од претседателот Вучиќ и по инцидентот во Нови Сад кога пред просториите на СНС тешко е повредена една студентка, сега веќе екс-премиерот на Србија поднесе неотповиклива оставка.
-Моја неотповиклива одлука е да поднесам оставка на местото претседател на Владата на Р. Србија. Имав разговор со претседателот на републиката, и тој ја прифати мојата одлука. Со ова покажуваме одговорност на оние кои се избрани да имаат одговорност, сето ова да не ни се прелие на улици, на кавги меѓу граѓаните и поделби, туку политичарите да прифатат одговорност и да се вратат на дијалогот и да се смират тензиите, изјави Вучевиќ.
Тој истакна дека трагедијата во Нови Сад оставила последици, сериозни поделби меѓу граѓаните и атмосфера на работ на конфликти, загрозување на образовниот процес, што севкупно, како што посочи е „замислено од странство“.
Посочи дека денес, како „објективни одговорни“, покрај него оставка ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ со што се исполнуваат политичките барања на најекстремните протестанти, како пат за мир и намалување на тензиите.
Од овој момент до изборот на нов премиер ќе бидам во технички мандат, како и целата влада и кабинетот на премиерот, кажа Вучевиќ и додаде дека „од овој момент целата влада е во оставка“.
Синоќа Вучиќ изјави дека во следните десет дена ќе одлучи дали ќе формира нова влада или ќе има нови избори. Тој истакна дека е отворен за двете опции. Информира дека ќе иницира консултации за формирање на нова влада, која по закон треба да се формира најдоцна 30 дена по констатирањето на оставката на Вучевиќ.
-Ако дојде до избори, ќе се одржат за 75 дена, пред први мај, рече Вучиќ, истакнувајќи дека нема да има преодна влада.
Претседателот е должен да го иницира процесот за избор на нова Влада, нагласи тој.
-Нема да избегнувам консултации, иако знам дека ќе добивам само навреди и не знам што друго од оние кои веќе немаат два-три отсто на српската политичка сцена, но мислат дека се додворуваат на некого со тоа, кажа шефот на српската држава.
-Најважните дискусии ќе бидат во рамките на СНС. За нас е важно што државата Србија е доведена во тешка ситуација и е под огромен притисок однадвор. Нашата стабилност и граѓанскиот мир се загрозени. Овде на секој можен начин се поддржува незаконското однесување и се смета за секојдневие, нагласил претседателот на Србија.
Студентите го кажаа своето – оставките не се доволни и нема повлекување. За српската опозиција, власта доцни со повлекување на премиерот и тврдат дека изборите не се можни под изборните услови што ги диригира Вучиќ.
Н.П.