Вучиќ: Го сочувавме образот во односите со Русија и во тешки услови

од Stefanija Kuzmanovska

Српскиот претседател Александар Вучиќ  денеска изјави дека односите меѓу Србија и Русија се „многу добри, но дека секогаш може да се направи повеќе“, оценувајќи дека и во тешки услови Белград успеал да го сочува својот образ без да го наруши „традиционалното пријателство и братство“ на двете земји и народи.

Вучиќ денеска без вообичаено официјално соопштение ја посети Руската куќа во Белград, која е центар на културните настани и манифестации на Русија во Србија.

„Убеден сум дека во иднина ќе имаме сила да изградиме уште подобри односи“, напишал Вучиќ во книгата на впечатоци.

Во тешки услови успеавме да не го погазиме својот образ, рече Вучиќ, посочувајќи дека Србите и Русите имаат „традиционално пријателство и братство“.

Тој додаде дека е разочаран од изјавата дека Србија ќе го дестабилизира регионот.

„Очигледно е дека на многумина им пречите кога имате своја политика и кога таа политика не е послушна. Ние ќе имаме своја независна политика, дури и кон Руската Федерација“, истакна Вучиќ.

Србија упорно избегнува да се приклучи на меѓународните санкции против Русија по нејзината инвазија на Украина, иако ги поддржа декларациите и резолуциите во ОН кои го нагласуваат територијалниот суверенитет и интегритет на земјата.

Амбасадорот на Русија во Белград, Александар Боцан Харченко, истакна дека руската страна е задоволна од соработката, истакнувајќи дека има напредок во 2023 година.

Слични содржини