Вучиќ навреди Европратеник, па доби одговор: „Те повикав на дебата, се криеш зад пропагандна машинерија“

Членот на Европскиот парламент и политичар од групацијата Renew Europe, Сандро Гоци, одговори на обвинувањата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ

од Кристијан Димков
43 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Novo jutro

Имено, Вучиќ на неодамна одржан собир во Србија го опиша Гоци како лобист кој не знае ни која му е националноста.

„Не можеме да имаме поддршка од оние кои се лобисти за независно Косово, од оние кои Србија ја прогласуваат за геноцидна, а меѓу нив е и Сандро Гоци, овој измамник што не знае ни која му е националноста“, рече Вучиќ.

Не требаше долго да се чека на одговорот на Гоци.

„Минатата недела те повикав на јавна дебата на телевизија. Каде и да сакаш, во Брисел или Белград. Прво прифати, а потоа исчезна, криејќи се зад својата пропагандна машинерија“, рече Гоци.

Тој се осврна и на прашањето за националноста.

„Секој европски граѓанин има право да биде избран во земјата во која живее и престојува. Тоа е основно демократско начело на ЕУ. Треба да го знаеш тоа, особено ако тврдиш дека сакаш Србија да влезе во Европската Унија“, порача тој.

На крајот, му порача дека навредувањето е знак на слабост.

„Зошто ги навредуваш другите? И твоите лојалисти одат во погрешна насока. Тоа не е демократска сила. Тоа е страв од надзор. Кога шеф на држава ги клевети другите за да ги прикрие сопствените политики и одговорности, тоа значи дека има сериозни проблеми. Само исплашени лидери навредуваат“, заклучи Гоци.