За само еден ден од удар на гром загинаа 11 лица во Бангладеш

од Milan1

Најмалку 74 луѓе, од кои 35 земјоделци, загинаа од удари на гром во изминатите 38 дена во Бангладеш, а експертите посочуваат на влијанието на климатските промени како главна причина за ваквите инциденти.

Според извештајот објавен денеска од Save the Society и Thunderstorm Awareness Forum, 43 луѓе биле убиени од гром во текот на осум дена во мај, а 31 лице во април.

За еден ден во мај од гром загинаа 11 лица, а деветмина беа повредени.

„Во текот на изминатата деценија до 2021 година, громови убија најмалку 2.800 луѓе во Бангладеш“, покажуваат официјалните податоци. Оваа земја, како делта држава опкружена со Бенгалскиот Залив, доживува сè почести и смртоносни удари од гром.

Експертите велат дека ова очигледно се должи на климатските промени.

Кабирул Башар, претседател на Форумот и професор на Универзитетот Јахангирнагар, рече дека идентификувале две причини за зголемување на ударите на гром – зголеменото влијание на глобалното затоплување и сечата на дрвјата во руралните делови на Бангладеш, особено високите дрвја во полињата во Бангладеш.

Според Обединетите нации, во Бангладеш годишно се регистрираат просечно 300 смртни случаи предизвикани од грмотевици.

Овој април, Бангладеш го доживеа најдолгиот топлотен бран досега од 1948 година и првпат речиси 75 до 80 отсто од земјата доживеа континуирани топлотни бранови.

Слични содржини