Забрана за секс пред важен натпревар: Мит или корисна тактика?

од desk2
110 прегледи

Пред секое светско првенство во фудбал кружат гласините дека селекторите на некои репрезентации ги ставаат фудбалерите во секс-карантин за да го подобрат нивниот перформанс. Колку е тоа корисна тактика, а колкав дел е урбан мит?

Дали сексуалната активност го ослабува перформансот на теренот за професионалните спортисти? Се сеќавате на филмот „Роки“ од 1976 година кога тренерот на Роки Балбоа, Мики, вели дека „жената ќе те направи слаб во нозете“, алудирајќи дека спортистот треба да го стави сексот на пауза додека тренира или се натпреварува.

Тимот на Мексико во 2014 година соопшти дека ќе биде побарано од фубалерите да апстинираат од секс за време на Светското првенство во Бразил за да се извлече максимум од нивниот перформанс. Тимот изгуби во осминафиналето, како што губи на секој Мундијал од 1994 година.

Во 2000 година беше објавено истражување во Journal of Sports Medicine and Physical Fitness во кое беа вклучени 15 спортисти кои тренираат на високо ниво, на возраст од 20 до 40 години. Експериментот се одвивал во текот на 2 дена.

На спортистите им било кажано да апстинираат од секс најмалку 24 часа пред почетокот на истражувањето. Првиот ден им бил направен стрес тест на статичен велосипед наутро, ментален тест за мерење на концентрацијата во попладневните часови и уште еден стрес тест на статичен велосипед вечерта.

Меѓу менталниот тест и вториот стрес тест, во околу 16:15 часот, им биле земени примероци од крв за мерење на нивото на тестостерон.

Потоа, спортистите имале секс со нивните вообичаени партнери кои биле свесни за протоколот на истражувањето. Следниот ден, на спортистите им биле направени истите тестови и им било измерено нивото на тестостерон.

Резултатите покажаа дела сексуалната активност немала значителен ефект на перформансот на спортистите на менталните и физичките тестови. Меѓутоа, на утринскиот стрес тест откако имале секс претходната вечер, кај спортистите било забележано благо засилување на срцебиењето.

Заклучокот на истражувачите е дека „способноста за закрепнување кај спортистите може да биде нарушена ако имале сексуален однос приближно 2 часа пред натпреварот“.

Друго истражување, објавено подоцна во журналот Frontiers in Physiology, откри дека сексот нема значително влијание врз перформансот на спортистите. Во извештајот за истражувањето стои дека била направена систематска анализа на девет истражувања на оваа тема.

„Актуелната анализа покажува дека сексуалната активност при спортување е многу малку истражена и кај мажите и кај жените. Сепак, достапните информации не го подржуваат митот дека сексуалната активност негативно се одразува на перформансот на спортистите“, стои во заклучокот на истражувањето.