Заев: Без промени во Владата, има доверба од парламентот

од Nikola Popovski
169 прегледи

„Не би требало да има промени во извршната власта. Владата е избрана пред 8,5 месеци и има доверба од парламентот за тоа“, изјавил премиерот Зоран Заев од Велес, како одговор на новинарско прашање, дали по конгресот на СДСМ треба да очекуваме промени во извршната власт.

„Задоволен сум од вчерашниот конгрес, коментирав јавно дека не се лесни овие кадровски решенија. Давањето шанса на секој да се вгради и заблагодарувањето на некој што и досега се вградил се сериозни процеси коишто оставаат трага за мотивација на следни генерации да се борат да добијат шанса и да дадат свој прилог во унапредување на севкупниот квалитет на живот во С Македонија“, додал премиерот.

На 26. Конгрес кој се одржа дигитално, СДСМ смени две третини од членството на Централниот одбор. Според лидерот на партијата, Зоран Заев, застапена е родовата и возрасната еднаквост, но голем дел од членовите се луѓе од различни сфери, докажани во своето делување, кои досега не биле дел од партиските структури: правници, економисти, социолози, медицински лица, лекари.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска ја зазема високата партиска функција која досега ѝ припаѓаше на Радмила Шекеринска, која неодамна најави дека ќе се повлече од раководните органи на партијата. Министерот за здравство, Венко Филипче и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи се избрани за потпретседатели на местото на Коста Петров и Мухамед Зекири, а на оваа функција остануваат Мила Царовска и Оливер Спасовски. Љупчо Николовски останува генерален секретар на партијата. На местото на Душко Весковски, за  организациски секретар е поставен Мартин Попов.