Премиерот Зоран Заев денеска ќе оствари состанок со претставници на Синдикатот за образование, наука и култура на кој, како како што се надева премиерот, низ заеднички дијалог ќе се најде решение за платите на наставниот кадар. Како што најавија од СОНК доколку не се испочитуваат нивните барања ќе следи генерален штрајк најавен за 11-ти ноември.
Вчера одговарајќи на пратеничко прашање Заев истакна дека платите на наставниците за време на мандатот на сегашната Влада се зголемиле за 10%, а во преговорите со СОНК понудиле уште десет проценти покачување.
– Факт е дека за 11 години ВМРО-ДПМНЕ направи покачување од десет отсто и факт е дека за две години и пет месеци оваа Влада направи зголемување од десет отсто или кумулативно 10,8 отсто. Во едни такви околности смогнавме сили затоа што чесно ја водиме државата и има пари во овој буџет, не се трошат за глупости. Испративме порака до СОНК и до сите наши учители, наставници, професори од основото, средното и високото образование, дека сме тука да направиме напори да обезбедиме повеќе пари. Понудивме уште десет отсто и тоа е се вкупно 21,4 отсто кумулативно пресметано, рече Заев пред пратениците.
Со овие покачувања наставниците во основните и во средните училишта ќе имаат примања над просечната плата, рече Заев.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев вчера му реплицираше на Заев дека наставниците бараат едно, а тоа е да се почитува законот и колективниот договор.
Данев истакна дека Заев ветувал со години, а сепак просечната плата е 25.000 денари.
– Не исполнивте едно од најважното прашање за платите на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ двапати ги зголеми платите и пензиите. Наставник треба да зема 28.875 денари плата, според новото законско решение, реплицираше Данев.
Членовите на законодавно-правната комисија од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа точката за автентичното толкување на членот 9 став 4 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта да биде тргната од дневен ред бидејќи сметаат дека со прифаќањето на ова автентично толкување се прави обид за изборна корупција.
Пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Невенка Стаменковска-Стојковски вчера апелираше до колегите од СДСМ да не си играат со судбините на наставниците и, како што вели, да престанат да ја понижуваат оваа професија и да вршат притисоци во пресрет на предвремени парламентарни избори.
-Бараме парламентарното мнозинство да го отфрли ова автентично како неоправдано и да почне вистински да работи за подобрување на статусот на оваа категорија на граѓани. Ова е класична изборна корупција и инструмент за притисок во очи на изборите. Ова се случува кога Владата под закана на штрајк во образованието води преговори со СОНК за платите во образованието.Проблем, кој е поврзан со засновањето на работен однос во образованието, а власта го користи за вршење на притисок врз наставниците кои немаат договори на неопределено време е и преку комисиите за трансформација на работните односи на наставниците. Власта на наставниците кои исполнуваат законски основ нивниот работен однос да биде трансформиран од определно на неопределно време тенденцизно ги прави нефункционални комисиите за трансформација се со цел определени лица да не може да добијат трансформација на работниот однос на не определно време.- рече Стаменковска-Стојковски.
СОНК бара предвиденото зголемување да не почнува од април 2020 година, туку од 1 јануари 2020 година, а исто така предлага и понудените 10 отсто да бидат предмет на договарање, односно, како што рече Неделков, да се понуди поголемо зголемување.
И министерот за образование Адеми изрази оптимизам дека до штрајк нема да дојде и нагласи дека досега на два пати се веќе зголемени платите и оти било понудено десетпроцентно зголемување на платите во април.
-Имајќи ги предвид сите параметри и за други реформски процеси за кои има финансиски импликации, верувам дека ќе најдеме начин и решение за следното покачување на платите, рече Адеми, додавајќи дека нема пазарење туку има конструктивен дијалог и разгледување на сите параметри.
Во основните и средните училишта оваа година наставата почна еден ден подоцна, поради предупредувачкиот штрајк на наставници членови на СОНК и тие што солидаризираа со нив. Штрајкувачите на првиот училишен ден беа на работа без обврски, а оние кои не се приклучија кон штрајкот одржуваа настава.