Заев: Најбогатите треба да дадат најголем придонес за надминување на кризата

од Берта Китинска
371 прегледи

Повикувам на солидарност кај граѓаните, во вакви услови на здравствена и економска криза. Секако најбогатите треба да дадат најголем придонес за надминување на состојбите и затоа кратењето кај тие што земаат најголеми плати е најголемо, а потоа следуваат оние со помали плати. И она што е важно, тоа е предложено во време кога најмалку три месеци ќе бидат одложени кредитите и извршувањата, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев во денешното гостување на емисијата „Утрински брифинг“.

Тој нагласи дека очекува компаниите со најголеми добивки најмногу да помогнат, зошто ако ја заздравиме државата, тие ќе можат да продолжат успешно да работат.

„Затоа најбогатите на своите плеќи најмногу треба да понесат. Очекувам и побогатите да партиципираат, барем да си ги авансираат своите давачки. Ако сите помогнеме многу поефикасно државата ќе се справи со кризата“, рече претседателот Заев.

Тој нагласи дека сите што се погодени од кризата ќе добијат поддршка, но нема да добијат помош тие што отпуштиле работници, бидејќи мора да се сочува секое работно место.

„Солидарност мој народе, секако побогатите да платат повеќе, за да можеме побрзо да го нормализираме животот на граѓаните“, заврши Заев.

Воедно тој посочи, дека главна  цел на мерките предложени од СДСМ е помош за економијата.

Економијата се состои од 200 милиони евра за поддршка на работниците, за зачувување на работните места и помош за економијата. Овој пакет мерки ќе се финансира од заштедата и од кратење на непродуктивните трошења.Вака ќе успееме да се справиме со кризата, бидејќи приходите на државата паднаа драстично и тоа граѓаните треба да го знаат. Ќе фалат околу 60 %, граѓаните не трошат, фирмите се затворени, хибернираат, транспортот е преполовен, нема ДДВ, не се плаќаат ниту дел од сметките. Ако тоа не го признаеме значи дека сме само популисти кои ги интересираат само политичките поени. Кратењето мора да се случи секаде. Намалувањето за 60 отсто на приходите значи недостаток на 2,2 милијарди евра за да ги финансираме сите расходи проектирани во Буџетот. И да најдеме 1,2 милијарди преку кредити, сепак ќе треба да скратиме и една милијарда од дома, порача Заев.

Слични содржини