Заев: Одбележуваме 28 години од приемот во ООН, претседателот Глигоров со својот говор ги постави темелите на нашите вредности

од Nikola Popovski

„Денес, на 8 април, се одбележуваат 28 години од приемот на нашата држава во Организацијата на Обединетите нации (ООН) под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“ во 1993 година“, објави премиерот Зоран Заев.

Тој посочи дека со членството во ОН нашата држава се етаблираше на меѓународна сцена, како самостојна и независна држава, еднаква во меѓународното семејство на народи.

„Во говорот во ОН на овој ден во 1993 година, Претседателот Глигоров ги постави темелите на нашите вредности и ги зацрта нашите најважни приоритети во надворешната политика, на кој и денес сме посветени и кои неуморно ги реализираме.

Тие темели се цврсти и непроменети и денес и се базираат на Повелбата на Обединетите нации во која од секоја земја се очекува да учествува во јакнењето на меѓународниот мир и безбедност, развивањето на економската соработка и заштита на човековите права, како предуслови за побезбеден и праведен свет за сите.

Почитувајќи ги овие принципи во сите изминати години Северна Македонија го даваше својот придонес во решавањето на меѓународните конфликти во согласност со резолуциите на Советот за безбедност, во интерес на мирот и на безбедноста. И денес, кога сме 30-та земја членка на НАТО, рамноправно продолжуваме да учествуваме во одржување на безбедноста и мирот во светот заедно со нашите сојузници во најмоќната политичка и воена алијанса во историјата на човештвото.

Поставивме пример за другите дека со дипломатија и дијалог, со разбирање и толеранција, можат да се решат најгорливите прашања и да се добијат нови пријатели и сојузници. Активно ја поддржуваме и развиваме регионалната соработка за да биде во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на сите граѓани во нашиот регион.

Во својот говор во ОН поранешниот претседател Глигоров ја посочи и втората цел: „Република Македонија како европска држава се стреми да стане член на Заедницата на европските народи“. Во октомври минатата година, ЕУ донесе безусловна препорака Република Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во Унијата. На добар пат сме да ја оствариме и оваа стратешка цел од интерес за добробитта на сите наши граѓани.

Во изминатите 28 години поминавме многу предизвикувачки моменти и премрежија кои бараа храбри одлуки. Беа неопходни мудро лидерство, разумни политики и обединетост за сите успеси ги постигнавме откако станавме членка на ОН.

Да останеме обединети, силни и посветени и во овие тешки моменти. И ова ќе го поминеме. Да веруваме во нашите капацитети и способности. Да ја направиме заканата од коронавирусот да биде минато со одговорно однесување на сите, со професионалноста на нашите институции и со солидарноста на нашиот народ“, напиша премиерот.

Слични содржини