Заев: Покрај името Северна Македонија за јазик стои македонски јазик и тоа веќе никој не го оспорува

од Aleksandar Todeski

Денес Македонците и македонскиот јазик се впишани кај светските народни јазици и никој повеќе не го оспорува тоа и нема дилеми. Тоа е остварено имајќи го предвид делото на Св. Климент Охридски, рече премиерот Зоран Заев на Свечената академија за Св. Климент Охридски.

„Ја комплетиравме нашата лична карта во Обединетите Нации, покрај името Република Северна Македонија за јазик стои македонски јазик и за државјанство стои Македонско/ Граѓани на Република Северна Македонија. По влезот во Европската Унија, македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Унијата. Како 25-ти работен јазик на кој ќе се зборува во Брисел, тој ќе биде „рамо до рамо“ со јазиците кои се говорат во нашето соседство, бугарскиот, хрватскиот и грчкиот. Тоа го гарантира Повелбата на ЕУ и Договорот за ЕУ“, рече премиерот Заев.

Тој рече дека е убеден дека Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе се ангажира уште поактивно во надминување на предизвиците исправени пред неа и дека наскоро ќе биде прифатена како реалност во православниот свет.

„Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние. Да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава. Нека е честит големиот празник во чест на Свети Климент Охридски. Сите да сме здрави, спокојни и паметни, и да не крепи делото на Свети Климент Охридски кога ги градиме духовните вредности, како темелни вредности на генерации кои ќе градат толерантно и демократско општество за сите во нашата убава држава, Република Северна Македонија“, истакна Заев.

 

Слични содржини