Заев со честитка за Водици: Како никогаш досега, во услови на пандемијата со КОВИД-19, овој празник силно нѐ повикува да го просветлиме нашиот ум

По повод големиот христијански празник, Богојавление – Водици, премиерот на С.Македонија, Зоран Заев на својот фејсбук профил со честитка и се обрати на нацијата и го поздрави чествувањето на овој голем празник.
На сите православни верници во нашата земја, на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, и на сите свештеници и монашки братства и сестринства во манастирите во нашата земја им го честитам денешниот празник Богојавление – Водици.
Со овој празник кој се слави во име на осветувањето на водите, во име на Христовото крштевање во реката Јордан, кога се јави Бог како бел гулаб, се осветува сè: водата и воздухот, природата и сите созданија, целата земја и сета вселена за очистување на човековата природа која со крштевањето станува нова твар и започнува нов живот, нова можност за обнова на високите универзални хуманистички вредности што ги споделуваме во нашата заедница.
Како никогаш досега, во услови на пандемијата со КОВИД-19, овој празник силно нѐ повикува да го просветлиме нашиот ум, да се очисти нашето срце и да се облагороди нашата душа, за да ги поминеме во здравје искушенијата на пандемијата.
Оваа година да ги послушаме препораките на здравствените работници и на Синодот на МПЦ-ОА и да го прославиме празникот одговорно и со отворени срца да прифатиме дека оваа година ќе се лишиме од традицијата во име на идните празнувања на овој голем празник.
Нека е вековит денешниот ден Богојавление – Водици!

Слични содржини