Соопштуваме прекрасна новина, важна индиректно за сите граѓани, директно за матичните лекари, стоматолози, специјалистите од приватна пракса и така натаму. Денеска се случува уште едно остварување на владината програма во која запишавме дека ќе се зголемат платите, за да се има поголеми шанси за специјализација. Создаваме атмосфера во која што лекарите ќе останат дома, во Северна Македонија, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција на која се најави зголемувањето на капитациониот бод.
„Следната година ќе има и нови покачувања кај специјалистите, а денеска најавуваме зголемување кај матичните лекари. Нашата цел е да се воведе модел на плаќање на примарна здравствена заштита кој ќе обезбеди сеопфатна примарна заштита, но и ќе го подобри квалитетот на примарната здравствена заштита. Ова ќе мотивира повеќе лекари да одберат семејна медицина. Пред само еден месец го најавивме решавањето на квотите. Овој месец имаме достапни лекови во текот на целиот месец. Посетата на граѓаните и аптеките тоа го потврдуваат. Нема повеќе паника и страв дека ќе останат без лекови. Во било кое време има лекови на позитивната листа. Ова е голема и важна работа. Со новите промени е комензиран и делот со скапите лекови“, рече Заев и додаде дека сите работи кои се правеле до сега се за добро на граѓаните.
Премиерот рече дека квотите се целосно укинати. Вели имало и девијантни појави, но и покрај тоа мерката е успешно спроведена, Според Заев, ќе се продолжи и со засилената контрола за да нема злоупотреби.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев рече дека сите матични лекари од општа пракса добиваат 15% покачување на капитациониот бод и додаде дека Фондот обезбедил дополнителни 45 милиони годишно.
„Покачувањето на капитационен бод е дел од сеопфатната реформа во здравствениот систем кој го спроведуваме подолго време, ние како Фонд, Министерството за здравство и Лекарската комора, здруженијата на лекари и стручната фела. Ќе се зголеми капитациониот бод и во приватното здравство. Фондот донесе одлука од 1 ноември 2019 година да се зголеми фондот за аптеките кои имаат склучено договор. Оваа мерка, комбинирано со укинувањето на квотите ќе донесе за уште поголем квалтитет“, рече Дончев.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, оваа мерка не значи само зголемување на сумата која лекарите ја земаат, туку и превентивни мерки кои ќе ги осетат граѓаните.
„Имплементираме модел кој со години наназад се користи во Словенија, го одбравме зошто е најсличен на нашиот. Ќе има посебно и точно одредени врз основа на протоколи, дијагностички сродни групи. Матичните лекари ќе може да препишуваат терапија за која до сега пациентите беа праќани по специјалисти за да добијат одредени печати. Ова е уште едно зголемување на платите на лекарите“, рече Филипче.
На новинарско прашање дали еден месец по укинувањето на квотите, се тече во најдобар ред, Дончев рече дека имаат само парцијални податоци, но и дека досега се тече во најдобар ред.
„Имаме теренски проверки за да се увериме дека секоја рецепта е валидна, до сега се тече во најдобар ред. Мерката за укинување на квотите е трајна, ќе продолжи“, рече тој.
А.Т.