Зајкова: Со предлог-законот за платежни услуги застануваме на страната на граѓаните

од Vladimir Zorba
19 прегледи

Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, повикува на детално разгледување и поскоро носење на предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи, кој вчера по втор пат го поднесе во македонското Собрание.

„Со поднесувањето на овие измени и дополнувања испраќаме силна порака дека сме на страната на граѓаните. Во време на сеуште не излечена економска криза и најава за можна нова, последно нешто што им треба на граѓаните се дополнителни финансиски оптоварувања. Предлагаме конкретни мерки, од кои корист ќе имаме сите ние кои секојдневно ги користиме банкарските услуги. Затоа апелирам до колегите-пратеници од сите пратенички групи, да застанеме на страната на граѓаните и да покажеме дека вистински се грижиме за нив”, вели Зајкова.

Со усвојувањето на предложените законски решенија граѓаните ќе се заштитат од плаќања на надоместок или провизија за водење и одржување на сметка на платежна картичка, регистрирање и користење на услугата за електронско банкарство, проверка на состојбата на сметка на банкомат и издавање на изводи за состојба на сметка од експозитура на банка.

Дополнително, ќе се укинат трошоците за повлекување на готовина од сметки од банкомати, за издавање на потврда за состојба на кредит и потврда за затворен кредит, членарина за платежна картичка, како и трошоците за разгледување и обработка на барања за кредитни аранжмани, за станбени кредити и други провизии за кредит.

Уште една мерка која ја предвидува овој предлог-закон е ограничување на надоместокот за провизија за учесникот во платниот промет кога врши уплата преку уплатница или образец.

„Носењето на правилни и добри законски решенија ќе доведе до зголемување на финансиската моќ и ќе ги опфати сите домаќинства. Не случајно и главната порака на оваа наша кампања е ‘Твоја Сметка – Твои Пари”. Доколку овој пат предлогот ги помине сите собраниски филтри и заедно со пратениците од сите партии го изгласаме, парите навистина ќе ги вратиме во џебот на граѓаните”, додава претседателката Зајкова.

Слични содржини