Сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг изјави за Си-Ен-Ен дека во 2017 година откриле голем број лажни профили од Македонија од каде се шират лажни вести, и оти е подготвен да сведочи пред американскиот Конгрес поради злоупотребата на лични податоци на милиони корисници на таа социјална мрежа.
– Во 2017 година за време на специјалните избори за Сенатот во Алабама, употребивме нови алатки што ги развивме со цел да откривање лажни профили кои се обидуваат да шират лажни вести. Пронајдовме многу такви лажни профили од Македонија. Не очекува напорна работа за да им отежнеме на државите како Русија да се мешаат во избори, да спречиме други луѓе да шират лажни вести, рече Закерберг.
Тој призна грешка и изрази жалење поради скандалот.
– Навистина ми е жал за тоа што се случи, изјави Закерберг во интервјуто, прво откако е обелоденет скандалот со компанијата Кембриџ аналитикс која се поврзува со претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година.
Тие признаа дека имале пристап до 50 милиони корисници на Фејсбук без нивно знаење и чувале податоци откако Фејсбук побарал бршиење на податоците.
– Тоа претставува злоупотреба на многу важна доверба и искрено ми е жал за тоа што се случи. Нашата одговорност е тоа да не се повтори, изјави Закерберг.
Според него, компанијата направила грешки и истакна дека тоа ја менува нивната политика за приватност за да се заштитат сите корисници на социјалната мрежа.
– Би сакал тие чекори да беа преземени претходно. Тоа е веројатно најголема грешка што сме ја направиле, изјави Закерберг.