Законот за ЈО утре или во понеделник пред пратениците?

од Aleksandar Todeski
496 прегледи

Утре или во понеделник пред пратениците ќе биде доставен предлог законот за Јавно обвинителство, дознава „Локално“ од лица инвловирани во изготвувањето на Законот.

Фото: Локално

Како што неофицијално дознаваме, за законското решение се дебатира со уште тројца пратеници кои даваат сигнали дека ќе гласаат позитивно за овој Закон, но имаат и свои барања за измени. До сега, постигнат е договор за неколку измени во Законот за Јавно обвинителство, но интензивните разговори кои ги почна министерката за правда, Рената Дескоска во понеделникот на билатерални средби, продолжуваат и денеска.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во гостување на Канал 5 рече дека во моментот кога пратениците ќе имаат мнозинство од 80 пратеници, ќе биде закажана седницата, нагласувајќи дека Законодавниот дом е во постојано заседание и може да се закаже седница во било кое време.

„Ако се поднесе предлог, предусловите се да работиме. Ако е усогласен предлог, може да се свика седница, каде и да се пратениците на територија на Република Северна Македонија може да стигнат за три часа. Собранието е во постојано заседание. Има време ако се усогласат“, рече Џафери.

Во меѓувреме, од владејачката СДСМ не откриваат колку пратеници дале позитивен одговор дека ќе го притиснат зеленото копче за Законот за Јавно обвинителство. Потпретседателката на партијата и вицепремиерка за економски прашања, Мила Царовска единствено кажа дека консултациите продолжуваат и денеска, нагласувајќи дека секое одложување и замајување на јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ со одложување на главни закони и можност за нивно гласање, ќе донесе само до подолго функционирање на Парламентот, но дека самите избори ќе останат на 12 април.

„Во однос на законот за јавно обвинителство се преговара и во моментот кога сите елементи ќе бидат исполнети тој ќе се најде на гласање. Сите оние кои што сметаат дека оваа држава треба да се движи напред, да создаваме иднина за младите и за сите нас останати е важно да ја дигнат својата рака за тој закон се со цел да ги отвориме перспективите на оваа држава и да продолжиме да чекориме со ист интензитет како и овие две и пол години“, рече Царовска.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, децидно кажа дека нивните пратеници нема да гласаат за Законот за Јавно обвинителство, бидејќи за нив единствено било прифатливо Законот да го подготват експерти, а не политичари. Овој став е последниот од низата променети ставови на опозициската партија во врска со Законот за јавно обвинителство, откако година и пол не дадоа зелено светло за носење на новото законско решение, но редовно присуствуваа на средбите во Министерството за правда и оние кои се одржуваа во Собранието.

А.Т.

Слични содржини