„За првпат во независна Македонија одиме во финале на олимписки игри, во полуфинале го победивме Ин Кјо Дон од Кореа, од земјата лулка на овој олимписки спорт!“, објави на социјалните мрежи Дарко Костовски од таеквондо клубот „Бутел“, кој е еден од тренерите на Дејан Георгиевски, кој веќе има освоено сребро и ќе се бори за првото злато во историјата на земјава на едни олимписки игри.
Тој дополни дека во финале „не чека актуелниот светски шампион во категорија -87кг(за да е на јавноста појасно на олимписки игри во таеквондо се фузираат две категории -87 и +87 значи дупла конкуренција) светски шампион Владислав Ларин од Русија, македонско време 14:30 часот“.
Првата рунда од полуфиналето се одигра во тактичко надмудрување во кое корејскиот таеквондо борец сепак успеа да стигне до минимална предност од 0-1. Иницијативата на Георгиевски го донесе првиот казнен поен за противникот, по што двата одлични удари на Георгиевски донесоа убедлива предност од 5-1. Кореецот намали на 5-3, но потоа започна третата рунда со нови беспрекорни удари на Георгиевски, кој брзо поведе со 9-4. Во тоа време, предноста рутински се чуваше до самиот крај, за првото историско финале на Македонија.
Со ова заврши постот од 20 години без медал. Првиот и единствен, бронзен, го освои Мохамед Ибрахимов во борење на ОИ во Сиднеј во 2000 година.