Заврши пријавувањето на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година

од Vladimir Zorba

Денеска во 12 часот заврши рокот за поднесување пријави на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година.

Министерството за култура од годинава за првпат воведе електронска апликација за конкурирање. За да им се излезе во пресрет на корисниците, поради новиот начин на аплицирање што отвори нови прашања, Министерството го продолжи рокот за уште 5 дена – до денеска, 11.11.2021 година, напладне.

Од страна на службите во Министерството за култура е направено сè за процесот на електронското пријавување да оди лесно и да се спроведе беспрекорно, сведувајќи ги на минимум евентуалните предизвици за апликантите.

Пред распишувањето на Годишните конкурси беа одржани обуки за корисниците во центрите за култура низ државава и во Скопје. Од почетокот на Конкурсот, за техничка поддршка беа отворени двe телефонски линии на кои корисниците ги добиваа потребните информации, а консултации се вршea и преку електронската пошта, по одделни дејности.

„На заемно задоволство, можеме да информираме дека остваривме успешен процес на електронско пријавување на Годишните конкурси, нешто што корисниците со години го бараа. Изразуваме благодарност до апликантите кои со позитивна реакција и активно учество ја прифатија оваа новина, и со кои во текот на процесот заеднички ги надминувавме тешкотиите што се јавуваа од ова ново искуство за сите нас“, велат од Министерството за култура.

Слични содржини