Утре напладне пратениците од Комисијата за мандатно-имунитетни прашања ќе одлучуваат дали ќе им го одземат пратеничкиот имунитет на своите колеги кои се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, на 27-ми април, кога се случија инцидентите во Собранието. Седницата беше закажана вечерва, по ненадејната  средба меѓу премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али  Ахмети и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Нема информации, за што точно се разговарало на полчасовната средба , но кратко потоа до надлежната комисија се доставени барањата за одземање на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска. Барањата се поднесени уште вчера од Основен суд Скопје 1, односно од Одделението за организиран криминал и корупција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА изјави дека барањата ќе бидат доставени до Комисијата онака како што е пропишано со Деловникот и дека нема потреба да се брза.  Роковите и постапката ќе бидат запазени, порача Џафери.

Кривичниот суд вчера по  18 часот до Собрaнието достави барања за одземање на имунитетот на шестмина пратеници поради притвор. Тие се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата во врска со насилствата што се случија во Собранието на Република Македонија на 27 април годинава.

Откако известувањето ќе пристигне до Комисијата, таа е должна да го разгледа и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето. За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство. По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата. Членови на оваа комисија се и двајца од пратениците за кои има информации дека е побарано притвор, но според Деловникот и тие треба да бидат известени за седницата. Нивното место во Комисијата ќе го заземат заменици-членови од пратеничката група.

Претседател ка комисијата е пратеникот Павле Богоевски ,заменик претседател на Комисијата е пратеникот Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски, а заменици се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.

Комисијата е закажана за точно напладне.

Веста е прочитана 2 пати

Слични содржини