Здружение оштетени штедачи на „Еуростандард“: Зошто плачеш Трифуне?

од Vladimir Zorba

„Зошто плачеш Трифуне? Дали за нас депонентите кои ги изгубивме нашите лични средства во твојата банка а кои ги украдовте заедно со твојот тим!? Или плачеш за неможноста да продолжите со истите принципи на крадење на вашите сограѓани и фирми депоненти. Или пак плачеш за нешто сосема трето. Се прашуваш кој ги украл парите од банката. Повикуваш на организиран криминал“, соопштуваат од Здружението на оштетени штедачи на „Еуростандард банка“.

„Да, се случувал организиран криминал во твојата банка со години. Ти и твојата дружина во банката не покрадовте. Да не го правевте тоа, немаше ни потреба Народна банка да ви прогледува низ прсти и да ве остави безобразно да крадете со години.

Каде завршиле парите? Добро знаеш Трифуне каде завршиле парите. Ако не знаеш во целост, консултирај се со твојот син Коста Костовски и директорот на банката Николче Петковски. Тие ќе ти ја надополнат сликата за тоа што навидум незнаеш или не си слушнал ниту видел а си одобрил.

Знаеш, Трифуне, знаеш.

Знаеш како што сите знаат за скапите пороци на твојот син, пороци кои сега штедачите ќе ги платат а богами и ти самиот. Само полесно е да бидеш постојано во улога на жртва, да бараш милост од јавноста а да бидеш осигуран со украдените пари однесени на некои банкарски сметки далеку од овде.

Наместо да плачеш и глумиш жртва, најди начин и врати ги парите на твоите сограѓани и фирми депоненти на кои им ги одзема истите. Ти и твојот тим. Или ќе чекаш судот да прогласи кривична казна од повеќе години за тебе и твојот тим, па да размислиш дали е вредно да се помине животот меѓу четири ѕида или да им се вратат парите на оние кои се покрадени, излажани и измамени. Како за тебе, тоа важи и за другите учесници во овој масовен грабеж.

Велиш покрај парите си го изгубил и образот, доцна е сега да размислуваш за образот, за ова требало да мислите кога делевте кредити на кого стигнете без никаква гаранција за истите, впрочем да не го правевте тоа со амин од НБРМ немаше сите ние а и вие да бидете во оваа ситуација.

Одлуката е ваша, твоја и на твојот тим. Полесно за сите е да се вратат парите. Час поскоро. Барем да се намалат штетите према оние кои најмалку го заслужуваат тоа.

Ти си на потег Трифуне!“, додаваат оттаму.

Слични содржини