Трошоците за живот на граѓаните растат со двојно побрзо темпо од зголемувањето на платите, а Владата се уште анализира дали и какви мерки да донесе за сузбивање на инфлацијата. Помина повеќе од три месеци откако беше најавено дека ќе се донесат мерки врз основа на анализата на Државниот пазарен инспекторат за движењето на цените, но мерки се уште нема. Анализата покажа дека по укинување на мерката за ограничени маржи која траеше до крај на април, цените не престанаа да растат. Според последните статистички податоци инфлацијата на храната и во август се движеше околу 7 отсто.
Додека ние се уште чекаме мерки од Владата, кои ќе го заштитат стандардот на граѓаните, во соседна Србија веќе почна да се применува мерката ограничени трговски маржи, а во Босна и Херцеговина цените на храната остануваат „заклучени„ до 31 декември. Во Србија од 1 септември, маржите на млекото, млечните производи, јајцата, безалкохолните пијалаци, кафето, чајот, свежите и преработени овошје и зеленчук, мешунките, лебот и печивата не смеат да бидат повисоки од 20 проценти. Во БиХ, пак мерката има за цел да обезбеди достапност на основните производи по прифатливи цени за сите граѓани, поради повисока инфлација која изнесуваше 4,2 проценти во јуни и 4,5 проценти во јули.
Македонските граѓани реагираат дека секој месец е се поскапо и за истите производи што ги купувале претходниот месец, сега треба да издвојат од 100 до 200 денари повеќе. Кај нас со постојаните изговори дека мерките, како замрзнување на цени и маржи, не давале резултати и дека ќе се преземат непопуларни мерки, Владата како да не сака да им помогне на граѓаните и да им го заштити стандардот.
Синдикалната минимална кошница во делот на храната и пијалаците во август изнесува 24.064 денари и споредена со јули е зголемена за 382 денари. Од податоците на синдикалната минимална кошница евидентно е дека откако завршија активните владините мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 2.816 денари односно за 4,49 отсто, додека кај храната и пијалоците има зголемување за 2.584 денари односно за 12,09 отсто.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека се потребни мерки за да се заузда инфлацијата, бидејќи премногу долго се тактизира. Оттаму посочуваат дека доколку се донесат мерки, тие да бидат подолгорочни за да имаат ефект.

Фото: Фејсбук/ОПМ
– Ограничувањето на маржите и на цените дава резултат само во моментот додека е на сила, а потоа практиката покажа цените не само што не се враќаат на старо туку и двојно се зголемуваат. Ние цело време апелираме да се донесат долгорочни мерки и кога беа ограничувањата, апелиравме да траат неколку месеци за граѓаните да го почувствуваат ефектот од мерките. И сега сметаме дека треба да се донесат мерки за стимулирање на домашното земјоделско производство, бидејќи се виде дека увезуваме најголем дел од храната, а најмногу на удар се овошјето и зеленчукот, велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Гувернерот Трајко Славески е отимист и смета дека за година-две инфлацијата ќе се врати на историскиот минимум од два проценти.
Според него, намалувањето на инфлацијата во земјава оди потешко во споредба со другите држави, но причината за тоа, како што вели лежи во високите инфлациски очекувања кај граѓаните и производителите и притисокот на синдикатите за повисоки плати.
Тој смета дека инфлацијата може да се намали само ако монетарната и фискалната политика внимателно се комбинираат и се фокусираат на долгорочни инвестиции.
И економските експерти се на се на сличен став дека инфлацијата мора да се регулира преку потези на монетарната и фискалната политика, бидејќи се покажа дека старите мерки не даваат ефекти на краток рок.
Б.С.