Зголемувањето на повратот на ДДВ од фискалните сметки влегува во Собрание

од Nikola Popovski

Предвидено е од годинава повратот на данокот на додадена вредност од фискалните сметки наместо 1.800 денари да се зголеми на 2.100 денари. Сепак тоа зависи од собраниските пратеници. Предлог-законското решение е во собраниска процедура и ставено е како шеста точка на денешната 99. пленарна седница. Законот се носи по скратена постапка.

Доколку се усвои овој предлог, наместо досегашните максимални 7.200 денари за една календарска година, граѓаните ќе имаат можност да добијат 8.400 денари со скенирање на фискални сметки.

Правото на враќање на данокот може да се оствари само еднаш за една иста фискална сметка, односно правото на враќање на данокот не се остварува за фискалната сметка која е веќе пријавена.

Враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка, по службена должност од страна на Управата за јавни приходи, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

На предлог на Министерството за финансии, Владата на 27 декември 2022 година го утврди текстот на Предлог-законот со кој се зголемува максималниот износ на поврат на ДДВ што може да го добие едно физичко лице со скенирање на фискални сметки за едно тримесечје.

Слични содржини