Жените кои претрпуваат инфаркт поретко се реанимираат поради градите

од desk2
86 прегледи

Жените кои на јавно место ќе доживеат инфаркт имаат поголеми шанси да умрат, а причината е банална – спасувачите не сакаат посилно да притискаат поради женските гради или им е непријатно да ја раскопчаат облеката на несреќницата, па често изостанува адекватна помош.

Истовремено, мажите кои добиваат инфаркт на јавно место имаат 23 отсто поголеми шанси да преживеат од жена, утврдено е на конференцијата на Здружението за срце во американскиот град Анахајм.

Во случај на инфаркт задолжително се применува надворешна масажа на срце или кардио-пулмонална реанимација.

Луѓето кои ќе се затекнат околу жена која доживува инфаркт се двоумат да и ги допрат градите, што може да биде фатално за лицето кое се соочува со инфаркт, предупредуваат стручњаците.

Новата студија проучила 20.000 случаи на инфаркт и утврдила дека 39 отсто жени кои имале срцев удар на јавно место добиле потребна масажа на срце, а кај мажите тој процент е 45 отсто.

„Веројатно станува збор за обесхрабрувачко размислување и избегнување притисок силно и брзо во средината на женските гради“, вели шефот на студијата Одри Блуер, од Универзитетот во Пенсилванија.

Таа предупредува дека и кај вежбањето на реанимација се користат реплики на машко торзо.