Зошто белорускиот активист се обиде да се самоубие во судницата?

од Stefanija Kuzmanovska

Степан Латипов, белорускиoт активист кој се обиде да изврши самоубиство за време на судското рочиште во Минск, е во болница во индуцирана кома. Центарот за човекови права „Виесна 96“ во Белорусија објави дека Латипов бил опериран во вторникот откако се повредил самиот себе, но немало оштетување на виталните органи.

Зошто Латипов се обиде да крене рака на себе?

За време на сослушувањето тој се прободе со нож во вратот поради наводни закани упатени од белоруските власти кон неговото семејство доколку не се изјасни за виновен. Тој исто така се соочува со дополнителни обвиненија за измама, кои исто така ги негира.

Пред да се повреди, Латипов му потврдил на својот татко дека за време на судењето, истражителите се заканиле дека ќе отворат кривични случаи против неговите роднини и соработници, доколку тој не се изјасни за виновен.

„ГУБОПиК (Главна управа на белоруското министерство за внатрешни работи за борба против организиран криминал и корупција) дојде кај мене и предупреди дека ако не признаам вина, ќе ме фрлат во ќелија со закоравени криминалци и ќе покренат случаи против моите роднини и соседи“, рече Латипов пред да се повреди, пренесува „Виесна 96“.

Белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја се огласи на Твитер за случајот Латипов и повика на крај на државниот терор, пренесува Си-Ен-Ен.

„Тие се заканија дека ќе го прогонуваат неговото семејство доколку тој не ја признае вината. Тоа е резултат на државниот терор, репресија и тортура во Белорусија. Мораме веднаш да го запреме тоа“, напиша таа.

Латипов беше приведен на 15 септември 2020 година, откако полицијата му побара лична карта кога тој надгледувал сликање на политички мурал во Минск.

Тој е обвинет за лансирање на опозициски медиуми и отпор кон полицијата за време на апсењето во септември минатата година. Државните медиуми тогаш објавија дека Латипов имал намера да ги отруе полицајците – наводно биле пронајдени хемикалии во неговиот стан. Но, ова не е вклучено во обвинението што беше прочитано на суд.

Белорускиот опозициски канал Некста прв го објави вознемирувачкото видео на Телеграм, а подоцна објави дека Латипов бил опериран и дека неговата состојба е задоволителна.

Белоруското Министерство за здравство објави дека 41-годишникот е во стабилна состојба откако лекарите во болницата му дале анестезија, пренесува „Ројтерс“. Министерството не го именуваше Латипов.

Слични содржини