Зошто ЧетГПТ ќе остане бесплатен? Одговор вреден 100 милијарди долари

Иако ЧетГПТ се приближува до една милијарда неделни корисници, неговиот креатор „ОпенАИ“ сè уште не постигнал профитабилност. Клучниот „виновник“ е бесплатната верзија, која е и најпопуларна. Сепак, новиот бизнис-модел што вклучува рекламирање на бесплатното ниво ветува револуција во монетизацијата

од Кристијан Димков
25 прегледи Фото: Принтскрин

Со проширување на својата бесплатна понуда, ЧетГПТ наскоро ќе стане најбрзорастечката технолошка платформа во историјата. Меѓутоа, популарноста не е синоним за профит. Токму поради огромната популарност на бесплатната верзија, „ОпенАИ“ е далеку од прагот на рентабилност. Решението што се наметнува е рекламирањето.

Првите тестови во САД биле успешни, а сега „ОпенАИ“ очекува забрзување на приходите од реклами. Според извештајот на порталот Axios, компанијата ги информирала инвеститорите дека очекува приходи од рекламирање од 2,5 милијарди долари веќе во 2026 година, кои до 2030 би пораснале на неверојатни 100 милијарди долари. Оваа проекција се темели на предвидување од 2,75 милијарди неделни активни корисници до крајот на деценијата.

Со други зборови, „ОпенАИ“ засега може да продолжи да губи пари нудејќи бесплатен ЧетГПТ и масовно инвестирајќи во истражување и инфраструктура. Меѓутоа, кога системот за рекламирање целосно ќе се имплементира, тој би можел да ѝ овозможи на компанијата генерирање огромни приходи. Оваа информација не е официјална и треба да се земе со резерва, но доаѓа во момент кога „ОпенАИ“ најави ново прибирање средства од 122 милијарди долари, со што нејзината проценета вредност порасна на 852 милијарди долари.

Како што компанијата се приближува до вредност од илјада милијарди долари, нејзиниот излез на берза станува сè поверојатен. Тогаш „ОпенАИ“ ќе мора уште поубедливо да ја докаже стабилноста на својот бизнис-модел. Рекламирањето, воедно, е добра вест и за корисниците кои не плаќаат. Се сугерира дека компанијата веќе има план за одржување на бесплатната понуда и покрај глобалниот раст на бројот на корисници. Дури е можно, благодарение на приходите од реклами, корисниците на бесплатната верзија да добијат повеќе можности или повисоки ограничувања на користење.

Единствената загриженост е дека „ОпенАИ“ би можела да почне повеќе да им служи на интересите на огласувачите отколку на корисниците. Сепак, компанијата во јануари веќе гарантираше дека рекламирањето во ЧетГПТ нема да влијае врз одговорите на вештачката интелигенција. Засега, рекламите се прикажуваат само на корисници во САД, но „ОпенАИ“ веќе го разгледува нивното воведување во Канада, Австралија и Нов Зеланд.