Зошто жените помалку заболуваат и имаат помала стапка на смртност од КОВИД-19?

од Nikola Popovski

Бројот на смртни случаи и инфекции како резултат на пандемијата со КОВИД-19 укажува на тоа дека мажите имаат поголема веројатност да заболат од жените и дека би имале сериозни или критични компликации доколку се случи тоа.

Во Италија, од податоците за 127.700 заразени со КОВИД-19,  52,9 проценти се мажи и 47,1 отсто се жени, а две третини од 14.860 смртни случаи во земјата се мажи, пренесува Танјуг.

Во извештајот на кинескиот центар за контрола и превенција на болести се утврдува дека од 44.672 потврдени случаи, смртноста е поголема за 1,1 процент кај мажите отколку кај жените.

„Постојат сè поголеми докази дека мажите доживуваат потешки симптоми и имаат поголема стапка на смртност од жените“, рече Џејмс Гил, специјалист од Медицинскиот факултет во Ворвик.

Иако сè уште има многу сомнежи зошто мажите се почести и посериозно погодени од коронавирусот, здравствените експерти укажуваат на бројни можни фактори. Тие вклучуваат и однесувањето и биолошките ризици како што се нездравите навики, пушењето и го земаат во предвид нивното негативно влијание.

Според Ројтерс, експертите велат дека мажите генерално не се грижат за своите тела како жените – со пониско ниво на миење на рацете и хигиена и повисоки стапки на пушење, употреба на алкохол, дебелина и други видови на нездраво однесување.

Во многу земји, кај мажите има повеќе пушачи, а пушењето е познат фактор на ризик за многу други состојби опасни по живот, како што се срцевите заболувања, високиот крвен притисок, заболувања на белите дробови и карцином.

Родовата разлика во потрошувачката на тутун е особено изразена во Кина, каде што 50% од мажите пушат, а само 5% од жените пушат.

Во Италија, анализата за 2018 година откри дека пушењето е почеста навика кај мажите отколку жените од сите возрасти.

Вториот фактор е односот на силината на машкиот и женскиот имунолошки систем.

Истражувањата покажуваат дека имунолошкиот одговор во текот на животот – на сè, од вакцини и инфекции до автоимуни заболувања – обично е поагресивен кај жените отколку кај мажите.
Во респираторни заболувања предизвикани од коронавирус, ова може да биде особено значаен фактор.

Филип Гулдер, професор по имунологија на универзитетот во Оксфорд, вели дека неколку фактори придонесуваат жените да имаат поагресивен имунолошки систем, вклучително и дека жените имаат два Икс-хромозоми, а мажите имаат еден и дека има голем број на критични имунолошки гени на Икс-хромозомот, пренесува агенцијата.

Слични содржини