Танјуг – Белград

Три од шестте најголеми светски економии до средина на јануари идната година можат да имаат женски лидери.

Германската канцеларка Ангела Меркел веќе некое време ја нарекуваат најмноќна жена на Европа, Британија ја доби првата жена премиер по Маргарет Тачер – Тереза Меј, а и САД на претседателските избори кон крајот на годината можат да добијат прва жена претседател Хилари Клинтон.

Ако најверојатниот кандидат на републиканците за претседател на САД, Доналд Трамп за кратко време не добие поголема популарност, Клинтон би можела да ја задржи актуелната предност во трката за Белата куќа, која според анкетите изнесува дури 11 процентни поени.
Конзервативката Тереза Меј, која минатата недела ја презеде функцијата премиер на Велика Британија од Дејвид Камерон, би била на чело на петтата по големина светска економија, ако Британците на референдумот на 23 јуни не одлучеа да го поддржат Брегзитот, но по референдумот дојде до голем пад на фунтата, па Велика Британија падна на шесто место, зад Франција.

Наведените дами испливаа на површина на досега најбруталната борба за власт во британската политика, а ниту една од нив не се најде на местото на кое се наоѓаат сега, само со цел формално да се исполнат барањата за поголемо учество на жените во политиката.
По референдумот на 23 јуни, на кој мнозинството Британци го поддржаа Брегзитот, цела една генерација британски машки политичари, паднаа во голем стил, а само жените останаа на нозе.

Меѓутоа, Меј, поранешната министерка за внатрешни работи, поради некои свои ставови би можела да ја подели британската јавност исто како што во свое време го правеше првата жена на чело на Владата во оваа земја, Маргарет Тачер.

Додека беше министерка Меј предизвика контроверзи со својот остар став кон мигрантите, а неодамна ги шокираше дури и силните поддржувачи на Брегзитот со изјавата дека државјаните на ЕУ кои моментно живеат во Британија не треба да им се дозволи да останат.

Меѓутоа, дури и нејзините критичари признаваат дека Тереза Меј, поради нејзиниот цврст став, не е тешко да се замисли на чело на светската дипломатија.

САД можеби никогаш немале жена за претседател, но ист е случајот и со Франција, Кина и Русија, преостанатите три од шесте најголеми светски економии.

Меѓутоа, лидерите на тие земји, Владимир Путин, Франсоа Оланд и Си Џинпинг, наскоро би можеле да се најдат во друштво на Меј, Меркел и веројатно Клинтон.

Успесите на тие жени се уште повпечатливи со оглед на тоа колку жените се слабо застапени во политиката на нивните земји. Во Германија жените се 37 отсто од пратениците во Бундестагот, во Обединетото Кралство тој процент изнесува 29 отсто, а во САД само 19 отсто.

Кога станува збор за жените претседателки или премиерки, на тоа поле повеќе од големите светски економии заостануваат зад помалите земји и државите во развој.

Шри Ланка во 1960 година со изборот на Сиримаво Бандаранаике за премиер стана прва земја во светот која има жена за претседател на владата.

Голда Меир во 1969 година стана премиерка на Израел, а Исабел Перон во 1974 година стана претседателка на Аргентина и прва жена претседател во светот.

Меѓу останатите, жени на чело на земјите или владите имаа и Индија, Пакистан, Бангладеш, Либерија, Турција, Бурунди, Централноафриканската Република, Монголија и Хаити.

Некои од нив биле ќерки или жени на претходните претседатели или премиери, но многу не биле.

Во повеќе случаи женските лидери, како Беназир Буто од Пакистан и британската премиерка Маргарет Тачер, станаа политички икони.

Женските лидери не треба да се дефинираат само според полот и тоа не е така, а припадноста на женскиот пол обично и не е најинтересното нешто кај нив.

Тие и не сакаат да бидат претставувани првенствено како жени. Хилари Клинтон на конференцијата на Обединетите нации за човековите права во Пекинг рече дека човековите права истовремено се и женски права, а женските права истовремено се и човекови права.
Иако изборот на жени на највисоките позиции во земјата влијае и на реалистичните стремежи на други жени на сите нивоа во земјата, како и начинот на кој мажите ја гледаат политиката и моќта, тоа има и свои ограничувања.

Како што изборот на Барак Обама за претседател на САД воопшто не влијаеше на тоа Афроамериканците да имаат помали шанси да бидат уапсени, осудени на затвор или убиени од страна на полицајците, така ни женските лидери во јужна Азија не успеаја да го спречат широко распространетото сексуално злоупотребување на жените во своите земји.

Иронично е што бројот на жените лидери во светот всушност се намалува, па според податоците на сајтот „Жени лидери‟, моментно во светот има само 24 жени на највисоки позиции.

Тоа е најнизок број во последните неколку години, а ги вклучува и жените на чело на монархиите, кои главно имаат само церемонијална улога, како британската кралица Елизабета Втора и данската кралица Маргарета.

Сепак, со Меркел на чело на Германија и Меј на чело на Британија, додека Клинтон е фаворит за победата на претседателските избори во САД во ноември, 2016 година би можела да биде запамтена како досега најважна „година на жените‟.

Слични содржини