Во катарската престолнина Доха денеска почна вонредна средба на министрите за надворешни работи на земјите од Советот за безбедност во Персискиот Залив – Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Оман и Катар, пренесоа западните агенции.

Persian-Gulf-Cooperation-Council

На средбта учествува и американскиот државен секретар Џон Кери, кој ќе се обиде да ги смири стравувањата кај шестте монархии за спогодбата за иранската нуклеарна програма, што на 15 јули беше склучена меѓу Техеран и шесторката (петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија).

Средбата се одржува во луксозен хотел во Доха. На отворањето катарскиот шеф на дипломатијата Хамид бен Мохамад Ал Атија подвлече дека Блискиот исток треба да биде заштитен од заканата на нуклеарното оружје и апелираше нуклеарната енергија и нуклеарните технологии да се користат за цивилни и мирнодопски цели.

Катарскиот прв дипломат исто така повика на итно надминување на кризите во Сирија, Јемен и Ирак, посочуваат американските медиуми.

Тој подвлече дека целиот Блиски исток страда од тоа што нема напредок во израело-палестинскиот мировен процес заради израелската окупација на палестинска земја. Министерот го обвини Израел за нетолеранција кон Палестинците и кажа дека незаконската блокада на Појасот Газа треба да се крене што поскоро. Тој ги повика САД да вложат уште повеќе напори за поддршка на мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците.

Француските медиуми пренесуваат дека монархиите од Персискиот Залив, на чело со Саудиска Арабија, многу внимателно ја пречекаа историската спогодба од Виена меѓу Иран и шесторката, под агендата на ЕУ. Во рок од 10 години овој договор треба да гарантира дека Техеран нема да се здобие со атомска бомба во замена за постепено и контролирано кревање на меѓународните санкции, кои ја задушуваат иранската економија.

Во Каиро вчера Џон Кери изрази увереност дека иранската нуклаерна спогодба Блсикиот исток ќе го направи побезбеден./МИА

Слични содржини