Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ќе го претстави македонското книжевно творештво пред кинеската културна јавност и пред сите заинтересирани посетители на 23. Меѓународен саем на книгата во Пекинг, што ќе се одржи од денеска до 28 август 2016 година. книга

Македонскиот штанд на саемот, како што е најавено,  ќе биде посетен од делегација на Министерството за култура на Република Македонија предводена од заменик-министерот Драган Недељковиќ.

Главен акцент на штандот на Република Македонија на меѓународниот саем на книгата во Пекинг ќе биде ставен врз изданијата од капиталниот издавачки проект Превод на македонска книжевност на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски), а централно место ќе им биде дадено на седумте жанровски антологии на македонската книжевност во осум тома преведени на кинески јазик.

Овој проект претставува антологиски приказ на едицијата 135 тома „Македонска книжевност“ и опфаќа антологии на македонската поезија (том 1), расказ (том 2) и драма (том 3), антологиски избори од македонската литература за деца (том 5) и од македонската критика (том 6) и есеј (том 7), како и двотомен антологиски преглед на македонскиот роман (том 4/1 и том 4/2) што содржи исцрпни информации за авторите и делата и поголем фрагмент од соодветните романи. Во антологиите се инкорпорирани најзначајните книжевни достигнувања и остварувања на македонските писатели од сите етнички заедници во Република Македонија, презентирани се сите жанрови, правци и стилски карактеристики и застапени се одбрани дела со високи
книжевно-естетски вредности од нашите најпознати писатели од различни генерации.

Со презентацијата на овие антологиски прикази и прегледи на кинеските читатели и издавачи ќе им се овозможи пристап до највредните книжевни дела од Република Македонија, односно љубителите и проучувачите на литературата ќе имаат можност да се здобијат со поширока претстава за карактеристиките и богатството на македонската книжевност.

На македонскиот штанд ќе бидат изложени и дел од книгите од капиталниот издавачки проект Превод на англиски јазик на 135 тома „Македонска книжевност“ (избори од автори од Република Македонија кои творат на македонски, албански, турски и на други јазици), како и одбрани монографии за македонското културно наследство, македонската книжевност, македонскиот јазик и други репрезентативни публикации објавени на англиски јазик и на други јазици. Ќе бидат изложени и брошури и флаери за природните убавини и културно-историските локалитети во Република Македонија, како и материјали за Конкурсот на Министерството за култура за странски издавачи за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици.

Меѓународниот саем на книгата во Пекинг се одржува од 1986 година, а годинава на саемот ќе земат учество повеќе од 2.200 изложувачи од 82 земји. Република Македонија првпат учествува на овој саем по покана на кинеската страна во рамките на процесот за соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа

Слични содржини