Мугабе за оставката ќе добие 10 милиони долари?

од desk2

Доскорешниот претседател на Зимбабве, Роберт Мугабе, пред оставката постигна договор според кој тој и неговата сопруга Грејс ќе добијат најмалку 10 милиони долари.

Договорено е и на членовите на неговото семејство да му биде гарантиран имунитет од кривично гонење.

За сега не е позната точната сума која ќе му биде исплатена на Мугабе и на неговата сопруга, а еден висок функционер на владејачката партија ZANU-PF, кој е запознат со спогодбата, вели дека вкупната сума нема да биде помала од 10 милиони долари, наведува британски Гардијан.

Тој функционер вели дека на Мугабе веднаш ќе му бидат исплатени пет милиони долари во кеш, а остатокот во наредните месеци.

Мугабе (93) доживотно ќе добива и плата од 150.000 долари, додека Грејс Мугабе (52) по неговата смрт доживотно ќе добива половина од таа плата.

На Мугабе му е гарантиран имунитет од гонење, како и тоа дека никаква акција нема да биде преземена против бизнис интересите на неговото семејство.

Роберт и Грејс Мугабе ќе останат да живеат во својата огромна резиденција во Хараре, а државата ќе им плаќа здравствена заштита, послуга, обезбедување и пат во странство.

Зимбабве по 37-годишното владеење на Мугабе е во големи долгови, валутата е безвредна, народот значително осиромашен, а стапката на невработеност е поголема од 80 отсто. Патиштата се лоши, многу рурални заедници немаат струја, а здравствена заштита речиси и да нема. Очекуваниот животен век во земјата е 60 години, еден од најниските во светот.

Мугабе е сменет од власт по низа случувања кои почнаа на 6 ноември, кога тој го смени потпретседателот на Зимбабве Емерсон Мнангагва, еден од своите најблиски соработници со децении.

Војската на 14 ноември ја презеде контролата над земјата и го стави во куќен притвор Мугабе, кој пак поднесе оставка на 21 ноември по притисокот на војската и владејачката партија ZANU-PF, но и на граѓаните. Мнангагва во петокот стана нов претседател на Зимбабве.

Слични содржини